Делењето на кошаркарската правда како секојдневие и пасија – Александар Давидов

Сакајќи да дознаеме и откриеме нешто повеќе за делењето на правдата на кошаркарскиот паркет како професија, решивме да поразговараме со Александар Давидов – кошаркарски судија која активно се бави со судење повеќе од 12 години. Кои се предизвиците на еден судија, како изгледа едно секојдневие и со каков судиски квалитет располага нашата држава? Дознајте повеќе во следниот краток разговор. 

Александар, како се најдовте во судиските води? Која е Вашата приказна?

Потекнувам од фамилија во која кошарката е секојдневие па не е ни чудно што јас и мојата сестра сме големи љубители на овој спорт.
Мојата приказна како кошаркарски судија започнува точно на 03.02.2007 во Хотел ТИМС, каде што успешно го положив тестот од познавање на правилата во организација на Судиската Комисија на Град Скопје. За веднаш подоцна да бидам номиниран на првиот официјален натпревар помеѓу екипите на КК Ангели – КК Пелистер во Јунироска конкуренција заедно со Поповски Мојсо. Веднаш после мојата прва одлука се роди љубов кон судењето која трае и до ден денеска.

Како изгледа еден Ваш ден, со какви се предизвици се соочувате?

Еден мој вообичаен ден изгледа сосма едноставно – ако можам така да се изразам.
Секое утро станувам во пет или шест часот, зависно дали сум номиниран на натпревар надвор од границите на нашата држава или не.
Утрото ми започнува со 10 минутна јога за активирање на телото, потоа користам техники на дишење и медитација. Ако истиот ден сум номиниран на натпревар, одам да трчам петнаесетина минути со многу благо темпо. Следи доручек со колегите, состанок околу натпреварот, попладневна прошетка, одмор и по што следи натпреварот.
Доколку пак немам натпревар, по завршувањето на мојот утрински ритуал доаѓам на работното место, ги запишувам и организирам работните обврски бидејки сум во редовен работен однос во АЛКАЛОИД АД. Кога ќе дојдам дома вообичаено со својата сопруга и ќерка го користиме времето за меѓусобно уживање, потоа следи тренинг и во доцните часови анализа на екипите и подготовка за тековниот натпревар.

Што би издвоиле од Вашата досегашна кариера?

Секој натпревар, буквално секој. Како што умее да напомене еден мој колега – СЕКОЈ НАТПРЕВАР Е ПРЕМИЕРА било дали е натпревар од домашното првенство или натпревар од меѓународен карактер. Секој натпревар е прилика за напредок и можност да се научи нешто ново.
Ако треба да бирам, што ми е особено тешко, би ги издвоил:

  • Финалната серија во Македонското првенство помеѓу екипите на МЗТ СКОПЈЕ – РАБОТНИЧКИ.
  • Полуфинале и Финале во Балканската Лига.
  • Неофицијалното Светско Првенство за мажи до 16 години во Сакарија, Турција
  • Учеството на Медитеранските Игри во Тарагона, Шпанија со 3х3.
  • Супер куп на Јадранска Лига во Бања Лука, Босна и Херцеговина.
  • Европското Првенство до 20 години Мажи во Софија, Бугарија.
  • Европското Првенство до 16 години Мажи во Сарајево, Босна и Херцеговина.

Секое едно полуфинале и финале во младинските конкуренции на ниво на РМ, верувајте ги има многу.

Кој успех или момент ви е особено драг?

Верувајте секој момент што е поврзан со судењето ми е драг и од секоја ситуација може да се извлече некаква поука која ми помага да созреам како кошаркарски судија но и како човек.
За мене особено драг момент кој сметам дека претставува пресвртница во мојата кариера е добивањето на наградата за НАЈПЕРСПЕКТИВЕН СУДИЈА на ГРАД СКОПЈЕ во 2013 год.

Од тој момент добив поголем мотив, волја и ентузијазам да се впуштам уште попрофесионално во судиските води за веднаш потоа да следи покана за партиципација на Неофицијалното Светско Првенство за мажи до 16 години во Сакарија, Турција – мојата прва ФИБА Клиника од вкупно три за конечно во 2017 година да се стекнам со рангот МЕЃУНАРОДЕН КОШАРКАРСКИ СУДИЈА.
Исто така од страна на Судиската Комисија на Град Скопје бев прогласен за НАЈДОБАР СУДИЈА во 2017 год.
Потоа следеа номинациите за Европските првенства, поканата за Супер Куп и Јадранската Лига и тн.

Како ја гледате иднината на македонското судење?

Македонија од секогаш имала квалитет судиски кадар, од времето на Југославија па до ден – денеска. Во моментов сме 8 Меѓународни судии што како бројка доволно говори за нашиот квалитет и авторитет ширум меѓународните терени.
Како за илустрација на тоа би се осврнал на 2016 и 2017 година кој јас ги сметам за најуспешни во историјата на македонското судење.

Во 2016 и 2017 Александар Милојевиќ со голема успешност ја делеше правдата во Лигата на Шампиони (Најквалитетното ФИБА Натпреварување ).
Беше дел од судискиот тим на Европското првенство во 2017, што за прв пат во нашата историјата добивме “Неутрален” судија, покрај него и Антонио Угринов беше претставник во улога на делегат.

Во 2016 Игор Митровски беше дел од полуфиналната судиска 3-ка во Полуфиналето на ЕВРОКУПОТ ( 2ро по квалитет натпреварување во Европа ), дел од судискиот тим на FINAL 8 младинскиот турнир на ЕВРОЛИГА кој е во склоп на самиот FINAL 4 во Берлин, дел од судиската 3ка на финалниот натпревар во АБА Лигата помеѓу Цедевита – Ц. Ѕвезда.

Судењето оди во нагорна линија па не гледам зошто во блиска иднина бројот на меѓународни судии не би се зголемил исто така покрај Милојевиќ и Митровски кој имаат почувствувано како е да се суди во Евролига – Македонија да добие и трет судија во Евролигата во блиска иднина.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија