Наслов

Чекор преку - експедиција во Коњ, Аоста

Искачувањето на оваа првенствена насока е само продолжување на наративот од настаните раскажани подолу во овој текст. А тој почнува вака:

Сардини. Како ли ги пакуваат... Лего коцки - правоаголни форми перфектно склопени... Питагора, Владо и неговиот тап поглед. Багажникот, диво им пркоси. Мартин и јас одамна сме покорени од оваа битка. Владо е упорен.

Успеавме некако да ги пресуваме сите конзерви што ги носевме во просторот кај резервната гума. Мал пресврт, ама знаечаен за оваа „војна". Окуражени, сфативме како да сместиме шест ранци, четири јажиња, три пара технички чизми, три сета бајли и дерези и кутија со третина од планираната храна. Круно неговата опрема успеа да ја смести негде во колата. После тоа и самиот се смести.

Кога хаубата почна да ја голта онаа досадна бела линија на автопатот замреа сите наши поголеми проблеми. Освен оној во МекДоналдс после Београд. Нема тука да збориме за огромните о с у м оброка што ги нарачавме и ги јадевме до крајот на вечноста - додека куцам уште го џвкам претпоследниот залак. Оттука целата експедиција имаше мирна пловидба. Тргнавме во недела, на трети февруари, и истата вечер среќно се дотркалавме во село Осп, Словенија. Осп е идеално одмориште од повеќе логистички причини, меѓутоа за нас, најбитна е дружбата со Силво Каро (истакнат словенечки и светски алпинист). Силво е сопственик на хостел, во стара камена куќа опкружена со многу карпи и уште повеќе качувачи од цел свет.

Без многу пролонгирање, утрото брзо се спремивме за патот кој ни претстоеше. Силво нѐ испрати со искрени желби за успешно качување. Веројатно пронајде порив и инспирација во тоа што некако успеавме да организираме две излегувања во Алпи во период пократок од три месеци. Првиот пат, поради обемот на снежните врнежи бевме приморани поголемиот дел од акцијата да го адаптираме во Словенија, а не на Савојските Алпи, и тогаш, останавме подолго од планираното кај Силво во Осп. Следејќи ги неговите предлози реализиравме добар дел од искачувањата низ Јулиските Алпи, па сето тоа влијаеше да се зближиме. Со зголемена мотивација и „ветер во грб" продолживме кон Аоста, поточно долината на Коњ.

Иако за два дена исслушавме преку дузина музички албуми, „качивме" не знам колку насоки, ги решивме сите технички проблеми на сета позната и непозната опрема, проклетата досада на патот си го зима данокот. Како мраз се разби летаргијата со првиот обид да купиме италијански број со Интернет конекција. После шест дуќани бидна и тоа. Сега и од Италија можевме да бидеме закачени за глобалното село Интернет. Купивме и храна од Аоста за целиот престој, а Владо и Круно решија дека немаат потреба од пласитчни ќеси за да ја пренесеме. О, каква слатка авантура беше ова.

Горе сме, во село над Коњ, кое поради отсуство на италијански вокални способности ќе го викаме Гњилање (оргиналот е Gimillan). Тоа ни беше домот за следните четири дена. Брзо вечеравме и почнавме да се спремаме за она за кое што сме дојдени - да качуваме алпинистички насоки по замрзнати водопади во Алпски масив. Иако не беше примарна цел да се качува во долината на Коњ, сепак е значајно да се качува на оваа планина. Поради логистички причини и акцијата пред три месеци не се реализираше во целост на Vallee Blanche („Белата Долина", долина од кадешто започнуваат најпопуларните искачувања во централниот Савојски масив), едноставно не работи ниту една жичара која се исфрла над 3.000 метри од каде започнуваат повеќето од алпинистичките насоки. Тогаш научивме дека Коњ нуди одлична замена.

Станува збор за две долини, едната од селото Лилаз, а другата од селото Валнонтеј, обете непосредно близу до центарот, Коњ. Коњ е поголемо село, со скијачки центар, и е опкружено од повеќе селца, дел од нив се и тие спомнати во овој текст. Географски, Коњ е најголемото село во долината; меѓутоа, и Лилаз и Валнонтеј се селца до кои се протегаат две помали долини од Гранд Парадизо. Овој систем на долини е дел од Националниот парк „Гранд Парадизо" под истоимениот алпски врв.
Откако, се надевам дека ги решивме географските дилеми за Долината на Коњ може да се вратиме на она суштинското.

Бидејќи не знаевме со што ќе се соочиме во реалноста надвор од конфорот на водичот, решивме да ја качиме насоката Lillaz Cascate со генерална тежина D- WI4 200m. Водичот за апинистичките насоки во овој регион, оваа насока ја претстави како не многу тешка и популарна: комбинација одлична за почеток, да се „загрееме" и запознаеме со условите. Важно е првите искачувања во непознат терен, особено на мраз, кадешто условите од она што е во водичот запишано, драстично може да се разликуваат од фактичката ситуација; е да бидат направени во насока со тежина која алпинистите се комфортни да ја совладаат.

Знаевме дека Lillaz Cascate е насока со максимална тежина од вертикален мраз не подолг од 15m. Тоа значи дека останатиот дел од јажевата должина е со нагиб од 70 до 85 степени. Од тренизите кои претходеа, знаевме дека никој од нас нема да има проблем при совладувањето. Наврските ги поделивме Круно и Мартин, Владо и јас. Така, имаше по еден поискусен качувач на мраз во две наврски - клучно за двете наврски да имаат оптимална брзина на качување и способност да совладаат непредвидени ситуцаии кои може да настанат од условите на мразот.
Се движевме внимателно и брзо колку што тоа го дозволуваше темпото диктирано од генералното ниво за безбедност. Се движевме сѐ посмело со секое забивање на бајлите во мразот, со секое поставување на дерезите. Може не брзавме максимално, но се движевме побрзо од останатите наврски. Во тој момент сметав дека тоа се должи на самата насока, не многу тешка, популарна - па претставува терен на кој качуваат и почетници и потпросечни алпинисти. Првиот поголем „скок", вертикален дел од насоката го имавме во самиот почеток на вториот цуг.

Mартин на излезот од првиот „скок“ во Lillaz Cascate

Пред нас беше една шпанска наврска и нѐ предупреди за дебелината на мразот - тенок мраз не нуди опции за поставување на клиновите, попластичен е и нуди помалку опции за поставување на орудијата. О, каква слатка иронија - ние цела зима трениравме на мраз не подебел од три сантиметри, а сега имавме слој од цели петнаесет санитеметри. Сосема очекувано, беше големо задоволство да се искачи тој вертикален „скок" низ раскршен камин од мраз дебел „само" петнаесет сантиметри. Охрабрен од времето кое ни беше потребно за да ги качиме првите три должини од целата насока решив дека ќе качам малку потешка варијанта од основната генерална тежина на насоката. Јас водев прв, а Владо по мене, качивме еден цуг со тежина WI5. Разликата е во тоа што WI4 е вертикален дел од мразот не подолг од петнаесет метри; WI5 е вертикала поолга од петнаесет метри и/или превисна. Овој цуг беше составен од два големи блока на мраз, скршени на пола поради сопствената тежина. Самото прекршување претставуваше негативен нагиб на поголемиот дел од должината. Додека качувавме и двајата бевме комотни, не осеќавме замор во подлактиците, а бајлите смирено влагаа и излегуваа од мразот - шармантно како запчаник на точак.

Од глава не ми излегуваше бастионот на целиот масив кој се воздигнуваше над Лилаз. Еден карактеристичен, долг жлеб среде најдоминантниот врв кој се гледаше директно од нашиот балкон. Lillaz Gully D+ WI4 M5 600m.

Lillaz Gully

Решив дека е подобро да ја качиме оваа насока одма, вториот ден, а не третиот како што беше планирано, и тоа поради две причини: третиот ден може да бидеме позаморни од претходните искачувања, а сепак ова е насока која ќе бара многу од нас; и после првиот ден, сфтаив дека сме технички одлично подготвени за оваа тежина. Направивме измена во наврските поради пофина распределба на сили, па сега качувавме Мартин и јас, а Владо и Круно. Водичот ни кажа дека се потребни четири часа за ова искачување, со два можни излеза во микс услови: лев (М4+) и десен (М4). Ние влеговме во левиот, ама „ни се падна" да биде М5 поради нецелосно оформениот мраз. Повторно, излеговме многу посреќни од тоа што планиравме!

Долу е селото Лилаз, од каде почнуваат повеќето насоки

Kако и претходниот ден, не планиравме да се движиме побрзо од она што ни го дозволува рациото на нашата безбедност. Сите посекотини и модрици што ги стеканвме патем се само „воени рани" кои се нормална појава при качување на мраз - сѐ останато успешно избегнавме. Можеби стигнавме и малку покасно, бидејќи пред нас имаше пар наврски кои влегоа буквално неколку минути порано. Така започна нашата дружба со Хрватите на секое сидриште. Најважно од сѐ е дека се движевме ефикасно и ритмично, и сите дилеми попатно нагоре ги решававме во од - од поставување на тубуларци (клинови за мраз), останата опрема за обезбедување, па сѐ до остриците на дерезите.

Енергијата беше на завидно ниво, мотивацијата, и потребата пред сѐ за ваков тип на искачувања силно пумпаше хормони низ нашата крв. Претходните тренизни, анализи и непосредни подготовки за искачувањето беа олицетворени во моментот - метар по метар.

Цуг по цуг научивме и една лекција која ќе остави траг во сите следни излегувања во поголемите масиви. Нашиот тренинг, подготовките, начинот на восприемање на реалниот амбиент, способноста за реална проценка на владеачките услви во однос на водичите се вистински - на ниво кое може да ни овозможи да искусиме дел од алпинизмот кој се случува во светот. Научивме дека ние сме на ниво кое е сосема релевантно во светски рамки, не е врвно, но знеме каде сме, колку можеме и како да продолжиме за да стигнеме онаму каде конечно целиме. После вакви искачувања, целите колку и да се далечни сега веќе изгледаат остварливи.

Уморни од денот и психички заситени од искачувањето, решивме дека третиот ден е најпаметно да одиме на нешто полесно, за да се растеретиме од претходно наталожениот притисок. Тргнавме со различни лични амбиции, кои кохезираа во заедничка цел - да оствариме искачување кое ќе остави трага зад себе. Го направивме тоа. Третиот ден предложив да ја искачиме L'Acheronte AD+ WI3 400m.

Насока која иако е релативно долга, има полесна оценка, па би требало да се движиме брзо и без многу напор. И повторно, мразот не беше формиран како што нѐ учеше водичот, па насоката на крај беше со оценка WI4 M4+ 400м. Планиравме нешто полесно, а повторно качивме нешто кое покажува дека има мотив, свест и зрелост за вистински алпинизам - како што изјави Костантин Циривири. Генијална насока, столбови од мраз, миск камин, микс излез од насоката - и сѐ ова „частенка" од Долината на Валнонтеј! Бескрајни благодарности и симпатии до Вас, Ваше Височество: Фрижидерот на Гранд Парадизо!

Последниот качувчки ден ја качивме истата насока како и првиот. Сега психички растеретени дека може да качуваме рамо до рамо со сите алпинисти во регионот планиравме да ја качиме насоката E Tuto Relativo WI4. Но, поради наглото зголемување на температурата, мразот не беше во посакуваната состојба. Се претвори во медиум кој е премногу мек за да го издржи притискот на врвот од бајлите. Единствена рационлна одлука беше да влеземе во Lillaz Cascate бидејќи знаевме дека е насока во која може брзо да се движиме, со оглед на насобраниот замор од претходните денови. Важно беше да бидеме брзи бидејќи денот веќе беше поодминат, а со тоа и мразот понестабилен.

После овие четири денови исполнети со синило за кое сите ние сонуваме низ цела година, тргнавме назад. Ниту престојот во Загреб не го направи поинтересен патот - сив асфалт, долг и досаден како глува ноќ. Оваа акција е успешна не само заради техничката тежина на искачувањата, можеби најтешки до сега направени од македонски алпинисти во Алпите; туку заради тоа што го научивме: Се формира една генерација која има исто гледиште кон развојот на алпинизмот во Македонија, која своите можности ги тестира во реално опкружување, учејќи што треба да се направи за да се направи тој чекор "преку", чекор понатаму, чекор повисоко. Да, дојдовме во Италија со различни лични и колективни очекувања и амбиции, сите различно инспирирани, мотивирани и логистички спремни. Но за само четири дена се сплотивме во заедничка визија, која верувам дека ќе остане како мотив и компас како да продолжиме понатака. Сега имаме реално мерило за нашите тренинзи.

Момци, фала ви за ова искуство, и после многу пршута и вино да останеме верни на рокенролот!

Пишува Илија Циривири - АК Матка.

25 Февруари 2019

За авторот