Наслов

Берлин има клима за рушење рекорди

Фактот што последните шест официјални маратонски рекорди во машка категорија беа поставувани на патеката во германската престолнина е доволен показател за исклучително поволните услови на оваа локација за притискање на човечките можности.

Минатиот викенд Кениецот Денис Кимето постави нов светски рекорд на маратонската траса во Берлин со неверојатни 2:02:57 со што успеа да заврши со дури 26 секунди побрзо време од претходниот рекорд држен од неговиот сонародник Вилсон Кипсанг, а Берлин и официјално стана најдобрата локација за рушење на светски рекорд во маратонско трчање.

За постигнување на еден светски рекорд на 42 километарската делница дефинитивно во игра влегуваат многубројни фактори, но исклучително важна улога игра и самата патека по која се трча заедно со климатските услови кои преовладуваат за време на трката. Рекордот претставува спој на многубројни аспекти и фактори кои овозможуваат едно вакво сериозно притискање на границите на човечките можности.

Имено, runnersworld.com имаат направено една интересна анализа за најбрзите маратони и маратонци во последните 25 години каде што германската престолнина е прва по бројот на срушени рекорди. Дури шест од последните рекорди во машка категорија од 2003 па до сега биле поставени на оваа патека. 

Исклучително рамната стаза со малку качувања и поволните температурни услови кои владеат во овој град во доцниот септември кои се круцијален фактор за добар настап се главните фактори кои овозможуваат поставување на новите најдобри времиња, а со рекордот на Кимето, Берлин има уникатен белег со тоа што го има најдобриот просек на десетте најбрзи времиња во тркачката историја кој е со време под 2:04.

За женската конкуренција како локација води Лондон. 

02 Октомври 2014

За авторот