Неколку причини повеќе за возење ролерки

Како што затоплува времето, така и мотивацијата за надворешни активности расте. Па зошто пасивно да се поминуваат деновите кога може целата фамилија да се активира на ролерки и да се пушти на стаза. Ви нудиме и 7 конкретни причини зошто треба да го направите овој потег!

Доколку во вашиот град нема патека за ролери, плоштадите, плочниците, тротоарите и непрометните патишта можат да завршат работа. Затоа ролерките на нозе и ајде на возење!

1. Возењето ролери е рангирано помеѓу најдобрите аеробни активности. Ги активира скоро сите мускулни групи на телото – на задникот, квадрицепсите, стомакот, листовите и рацете и нормално го активира кардио-васкуларниот систем. Америчката асоцијација за срце (AHA) тврди дека возењето ролери троши исто толку калории како и возењето точак или џогингот. Воедно, претставува многу добра варијата за рехабилитација од повреда.

2. Не е еднолична рутина. Фитнес експертите, а и ние самите знаеме дека понекогаш едноличниот фитнес режим може да биде досаден. Но кога возите ролерки сте на отворено, вие самите избирате каде ќе одите и дали ќе возите сами или во друштво.

3. Претставува тренинг со низок интензитет. Според студија од Универзитетот Масачусес, оваа активност за 50% помалку ги оптеретува зглобовите отколку трчањето. Со овој аеробен тренинг ги имате истите придобивки (за исто време) како и џогирањето без да имате толку голем импакт на зглобовите.

4. Добро е за умот. Оваа активност релаксира, пред сè затоа што се одвива на отворен простор.

5. Ефикасно ги согорува калориите. Еден час возење со среден интензитет согорува 330 калории кај човек со 65 килограми телесна тежина.

6. Помага при градењето на подобар баланс. Со подоброто чувство за баланс ќе го намалите ризикот од повреди/падови во животот.

7. Ви помага да добиете подобар стас. Како што вашето тело ќе се навикне на доброто држење, тоа ќе се пренесе и на другите сегменти, особено кога седите подолго време на работното биро или пак додека возите на подолг пат.

Без разлика дали повеќе сте љубители на ролерки или на роушули, извадете го максимумот од оваа полезна активност, а притоа уживајте во дружбата со својата фамилија или пријатели.