ЗОШТО ОДБИРАМ ДА ПАТУВАМ

Според мене патувањето е многу важно. Луѓето се создадени да се движат. Стоењето во место може само да ве врати назад во еволутивниот процес. Можеби некои од овие работи ме влечат напред и ми ја даваат потребната енергија да се движам, да патувам, да истражувам…

Велосипедот ми дава брзина, ми овозможува да стигнувам до места кадешто не може да се стигне со автомобил или да поминам време на отворено. И секако тука е адреналинот. Но проблем е е тоа што секој пат кога седнуваш на велосипед, телото бара се поголема доза адреналин. И можеби тоа е силата којашто ме турна да одам на Алпите и да ги искачам сите тие планински превои, да одам на најголемиот спортски настан што се одржува секоја година Тур де Франс, да спијам каде што сакам…

Оваа година се одржа третата по ред Македонска Тур де Франс Експедиција. Членови на Експедицијата беа: Андон Сикавица, Надица Димовска и Слободан Трајковски. Експедицијата во бројки: поминавме 1150 километри, искачивме 23285 метри висина, останавме 14 дена на отворено, качивме повеќе од 14 планински превои (вклучувајќи ги Мон Венту, Алп Дуез, Кол де Ларш, Кол ду Гландон и Кол де ла Кроа де фер, Мон Сени) и посетивме 5 етапи на Тур де Франс. Целите на Експедицијата беа исполнети.

Имавме многу интересни моменти што ги доживеавме по пат. Гледавме ТдФ етапа на петтата кривина на Алп Дуез, се сретнавме со директорот на Тур де Франс Жан-Луј Паже, разговаравме со поранешниот Вуелта шампион Шон Кели, го прославивме францускиот национален празник 14 јули во Нион, спиевме на Мон Венту на 1911 мнв, присуствувавме на прославата на роденденот на една Французинка на езерото Анеси…

Зошто одам во Франција секоја година? Не е само заради Алпите и „Големото Тркало”. Според мене југоисточниот дел на Франција ги има најубавите ридови, реки, долини, мориња, езера…Возењето велосипед низ Прованса е највозбудливото искуство што еден велосипедист може да го доживее. Со сите тие полиња со лаванда, пространи лозја, продавници за сирење, минијатурни градови со средновековна архитектура и живот што никого не остава рамнодушен. Долината Мориен е велосипедскиот рај за сите оние коишто сакаат да искачуваат планински превои.

Од едно место (градот Сен Жан де Мориен) може да се стигне до 15 планински превои во радиус од 70 километри. Вклучувајќи ги Кол ду Галибие, Кол ду Гландон, Кол де ла Кроа де Фер, Кол де ла Маделен, Кол де Изеран, Мон Сени, Кол де Телеграф. Исто така можете да ги посетите и најубавите градови во Франција како Анеси, Шамбери, Албервил, Гренобл, Бриансон, Авињон, Екс ен Прованс. И на крај тука е и морето.

Доколку ви досади од искачувањето на Алпите, преку глава ви е од студот и постојаното бегање од дождот, секогаш можете да свртите на југ и да возите покрај Азурниот брег и да откриете зошто е наречен Синиот брег.

И на крајот, кога ќе остариме, ќе се смириме…Ќе помислиме на сите места што некогаш сме ги освоиле и ќе помислиме дека сме успеале. Ќе се сетиме на убавиот живот што го поминавме живеејќи го својот сон. 

Линк до англиската верзија