Големото зелено јаболко во ритмот на Иван Ангелковски

„Њу Јорк, Њу Јорк” од Синатра во позадина, додека Иван пиејќи го своето кафе некаде во Менхетен ни одговара на прашањата. Интернетот кочи но одговорите си течат.  (интервјуто на англиски)

Зеленото јаболко не спие, а Иван не мирува, професионален танчер и инструктор што со секој чекор во ритам се одржува во живот и ја дише својата страст. Разговорот иако во различни временски зони беше одлично споделување на позитивна енергија од еден млад и успешен македонец.


Како е да си работно во епицентарот на светот и колку долго си веќе во Њу Јорк следејќи го ритамот на сето она што те опкружува?

ИВАН-Во Њу Јорк сум веќе 8 месеци и можам да кажам дека досегашното мое искуство овде е доста интересно и возбудливо од секој поглед. Америка во глобала диктира едно темпо на живеење кое нам македонците едноставно не ни е познато. Овде соништата се остваруваат, луѓето напорно работат, и доколку сонот не се оствари, нема место за слабост, мора да се продолжи понатаму и да се бараат нови цели и нови предизвици кон кои ќе се насочи еден човек, за да го достигне својот максимум.

Зошто се одлучи да ја продолжиш својата кариера како латино танчер и инструктор по танци во САД и како дојде до соработка со студиото за танци Dancewithmeusa.com?

ИВАН – Мојата одлука за да дојдам во Америка е токму од мојата потреба за достигнување на мојот максимум и постојано трагање по нешто што е тешко да се оствари. Тоа ми дава сила, енергија, поттик да работам и да бидам упорен, да верувам во она што го поседувам.

Искуството во Македонија ми беше на највисоко ниво, но сакав уште нешто повеќе. Работам како инструктор по Латино американски и Стандардни танци во студиото за танц Dance With Me USA кое е основано од професионалците на шоуто Dancing With The Stars, Максим Чмерковски, Валентин Чмерковски и Тони Доволани кој по потекло е од Дебар. Едноставно стапив во контакт со студиото и се настана набрзина. За неполн месец се најдов тука помеѓу целата професионална танчерска елита.

Во Македонија и странство имаш освоено голем број на награди и признанија, колку тоа ти помогна во можноста да оствариш контакти и да работиш на големи проекти и воедно да градиш и интернационална кариера?

ИВАН – Во Македонија и во странство имам остварено многу убави проекти на кои што сум многу горд. Искуството од 20 години танцување ме донесе на едно повисоко ниво. Секој пат кога се појавуваш на некој натпревар или настап остваруваш контакти затоа што едноставно надвор квалитетот се цени. И мора да признаам тоа и ден денес се повеќе го осознавам, во момент кога се чувствувам најслабо. Пофалните зборовии позитивните критики не престануваат, со тоа се хранам и пробувам да го постигнам успехот кој што сметам дека го заслужувам..

Каде се твоите почеточи со танцувањето и на кои позначајни проекти во Македонија си учествувал досега?

ИВАН – Мојот почеток на танцувачката сцена е во танцовиот клуб Ритам Плус од Скопје. Тоа беше мојот дом во изминативе 20 години танцување. Сум работел на многу проекти во нашата држава. Едни од позначајните се мјузиклот „Чија Си” во која главна улога играа многу наши познати и квалитетни уметници кои многу ги почитувам како: Калиопи, Васил Зафирчев, Дејан Лилиќ и многу други.

Потоа Евровизија 2011 во Германија настапував како танчер за Влатко Илиевски заедно со едни прекрасни луѓе и врвни професионалци. Сум настапувал на многу музички видеа на наши звезди. Горд сум на видеото на Алтуна Сејди-Туна „И Асај” каде бев одговорен за целосната кореографија и достигна 10 милионска гледаност. И мора да признаам дека Туна е професионалец над професионалците и сите треба да земат пример како работи една звезда.

Досега кои ти биле инструктори и партнери во кариерата и во кои категории си се натпреварувал?

ИВАН – Како прв и главен инструктор во Латионо американски и Стандардни танци ми беше Верица Василевска, меѓународен тренер и судија. Сеуште се слушам со неа и барам совети и мислења за одредени работи. Сум соработувал со Матеј Крајцер, Миша Цигој, Сергеј Милиција, Валентин Чмерковски кои се врвни танчери, инструктори и судии.

Во однос на моето Хип Хоп танцување сум соработувал со Миша Габриел, Кевин Вормалд, Рапсоди Џејмс, Бриан Фридман, Лориен Гибсон кои се кореографи на ѕвезди како Џастин Тимберлејк, па сè до Лејди ГАГА.

Партнерки во Латино танците сум имал повеќе и сите многу ги почитувам, како: Андријана Чичевалиева, Кристина Тарчуговска и последната пред моето доаѓање во Америка Симона Спировска која е прекрасна личност и врвен професионалец. Работи како актер и ќе ја забележите како еден од главните ликови во филмот Соба со Пијано. Овде во Америка моја партнерка е Тереза Гарсија која по потекло е од Перу но живее во Америка веќе 10 години. Со нејзе заедно работиме напорно и во Март месец 2014 година не очекува националното првенство на Америка во државата Јута.

Што е потребно да се издигнеш на професионално ниво во овој спорт и како е пресликана страста за ритамот во твоето секојдневие?

ИВАН-Во овој спорт потребно е многу љубов и трпение. Се работи за еден многу деликатен и префинет спорт кој бара максимална посветеност и пожртвуваност. Моето детство се базираше на тренинзи и дружење со децата од клубот. Создаваш една своја втора фамилија. Во однос на моето секојдневие, едноставно не можам да замислам ден без музика. Инспирацијата за движење и говор на телото е токму од музиката.

Во што се состои твојот работен ангажман и во кои натпревари земаш учество на американско тло, и дали досега имаш постигнато некаков успех во Америка?

ИВАН – Секој ден сум на работа во студио и држам часови. После тие часови имам редовни тренинзи со мојата партнерка и секој викенд сум во теретана за тонирање на телото. Морам да признаам дека е многу напорно. Колку и да е убав животот во ова држава сепак не е лесно.

Тоа го сфатив од кога дојдов и затоа кажав дека упорноста и пожртвуваноста и сонот за успех ќе се случи. Позначаен успех немаме постигнато со мојата партнерка затоа што сме релативно нови како пар но на последниот натпревар завршивме на 12 место од 25 двојки што е голем успех за мене затоа што сме нови. Добивме многу позитивни критики кои ни даваат енергија за работа.

Кратко и јасно за крај, следни планови и проекти во твојата кариера?

ИВАН – Планови за во иднина имам многу и сите се доста интересни. Кажав дека се спремам со Тереза за престојното државно првенство во март месец 2014 година, исто така се спремам и со мојот најдобар другар Љупчо Атанасов кој исто така е респектиран професионален танчер кој се пресли тука заедно со мене каде ќе започнеме да се натпреваруваме во Хип Хоп дуо од Јануари месец на нивните регионални натпревари кои потоа би не довеле на државните, ако се пласираме нормално. Имаме поддршка буквално од сите и тоа ни значи премногу.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија