Лице в лице со Планината – Интервју со Надир Мурсели

Го начекавме уморен од работа, но два часа муабети и евоцирање спомени за планини, тури и другарувања беа малку. Надир се прошета низ спомените, искрено и длабоко, а понекогаш и тоа е она што те води напред. Страст за планината и качувањето е она што го исполнува неговиот живот. Моментално живее и работи во Швајцарија и е секогаш спремен за врвови, предизвици и нови искуства.  

K4T Опиши го моментот кога првпат застана лице в лице со планината, го имаш ли врежан во меморијата. И каде започнува твоето планинско патешествие, изворот на твојата лична среќа и твоето израстување како човек?

Надир – Израснувајќи го детството во Тетово, Шара ми беше како секојдневен прекрасен поглед кој се простираше од мојот балкон. Помнам еден ден другарите решија да направиме тура, колку што се сеќавам тоа беше во 90-та година. Одевме 8 часа до Попова Шапка и стигнавме касно, беше долг и напорен ден. Премногу долго патешествие, но остана врежано како незаборавно искуство, силно како за првпат.

Како дете, врвот Орловец што се наоѓа над тетовското кале и од спротива е на Кобилица ми беше трн во око што се вели, ми беше предизвик. Во тоа време имаше еден телевизиски серијал Твин Пикс, што многу ме инспирираше да ја засакам природата, случувањата се одвиваа во Канада снимени покрај планини, реки, шуми. Секогаш сакав да истражувам низ такви предели како и желба да видам што има од другата страна на Орловец.

K4T – Кој ти ја пренесе љубовта кон планините, и кажи ни нешто повеќе околу твоите почетоци. Првите чевли за планинарење, првиот ранец, првото ноже?

Надир – Почнав сосема сам, кај мене во фамилијата нeмаше некој што се занимава со спорт или планинарење. Во таа 90-та година се зачленив во планинарското друштво Љуботен. Се сеќавам тогаш се организираше една тура Тетово – Сетоле, декември месец, и се спремав да помогнам, лепев плакати за друштвото и тоа ми беа првите активности.

За моите први чевли за планинарење се сеќавам дека за среќа мајка ми тогаш имаше добиено некаква помош од црвен крст. Беа од скај, до глужд, но внатре имаа волна. Во зимно време носев сомотки, имав и една германска јакна која верувам мајка ми ја имаше добиено како помош од некаде.

После таа прва зимска акција бев многу возбуден. Нормално немав пари да се вратам назад со автобус и пешки дома се вратив сам од Сетоле преку Џепчиште, Порој се до Тетово.

Вторите чевли кој ги памтам беа помош од пионерот на алпинизмот во Македонија веќе покоен Циго, беше тетовски зет и он ги подарил во клубот, тешки и полни со волна, нема шанси да замрзнеш. Се правеа табори во тоа време на Горна Лешница, и од клуб ми предложија да ги земам тие чевли на мое задоволство.
А за ранец, знам дека првиот што го го купив беше војнички, го најдов на пазар.

K4T – Карпата е како магнет велат, тој што ќе ја почувствува таа енергија тој адреналин, тешко одолева. Која беше твојата прва насока, и кој ти покажа што е осмица, што е прусик, сидриште и каде ги научи основата на алпинизмот?

Надир – Имав еден пријател на Матка, тој често одеше на некакви медитации и го прашав еднаш дали може нешто да пробам од тоа. Тој ми одговори дека подобра медитација од карпа нема, тамо горе целото тело ти е сконцентрирано, фокусирано. Во тоа време од ПД Љуботен направивме алпинистичка секција, голема морална поддршка имавме и од еден од постарите членови на клубот Зоран Ацевски. Потоа нè праќаа на Матка и имав среќа Константин Циривири да ми биде ментор, од него научив многу за алпинизмот.

Во тоа време се правеа табори на Матка, се доаѓаше во четврток или петок вечер и се тренираше и другаруваше до недела. Ветерански ми е прв смер на Матка и го качив со помош на Влатко Боцевски, инаку таборите се правеа низ сите качувачки локалитети низ Македонија.

K4T – Од Македонија, Долумити, Алпи преку Анди до Хималаи, какво е тоа животно искуство, да го бараш врвот, својот врв, на она што во себе треба да го изодиш и искачиш. Да се сообразуваш со физиологијата на твоето тело, со временските прилики и неприлики, со мотивацијата и страста?

Надир – Нема освојување, само искачување, се победуваш сам себеси. Планината е таа што е вечна, ние сме минливи. Она што најмногу ми се допаѓа се високите планини, оние над 3 илјади метри, таму условите се менуваат и сè е поинаку. Танцот започнува тогаш, организмот почнува да реагира за некого добро за некого лошо.

Таму е хипоксија, недостигот на кислород за која и медицината нема секогаш лек и точен одговор што треба да направиш за да се аклиматизираш побрзо и подобро на поголема висина. Тоа е многу индивидуално, не важи секогаш правилото – оди високо, спиј ниско. Сепак ниедна планина не е за потценување.

K4T – Каде осеќаш посебна енергија, на кој врв или место од светов. И каде најмногу се навраќаш со посебна желба?

Надир – На масивот на Монт Блан се чувствувам посебно, за мене претставува прекрасно место, затоа што енергијата е голема, има сè и сешто, карпа, мраз, микс, глечери, врвови, некои искачувања во 50-тите од Валтер Бонати и Гастон Ребуфа се тешки за искачување и денес.

K4T – Дали имаш некаков тренинг програм за подготовка пред големи качувања, и како се одржуваш во форма, правиш ли редовно кардио изолирано од планината, силов тренинг или нешто слично?

Надир – Многу пешачам, трекинг одам често кога сум во Македонија, одам на Титов врв и низ Шара, во Швајцарија идам редовно на фитнес, и правам многу стречинг и кога ќе видам вратило веднаш се бесам (хахаха).

За поголеми тури во период на подготовка трчам секој втор ден од 5 до 10 километри, а и самата работа ми е тренинг, работам во магацин и истоварам секојдневно помеѓу 7 и 10 тона што не е малку. Дури и да не правам дополнителни работи, 10 тона дневно се добар тренинг.

K4T – Сигурно влијае позитивно на твојата желба за качување тоа да си блиску до Алпските врвови. Во кој кантон си и дали има одлични места блиску до тебе?

Надир – Живеам во Базел и најблиско ми е Ајгер на саат ипол од местото каде живеам. Ајгер е најголемата карпа на Алпите со 1800 метри и врзана е со историја на триумф и трегедија, има доста филмови за нејзе и претставува една од трите најтешки за качување во Алпскиот масив покрај Матерхорн и Гранд Жорас, а особено нивните северните страни. Некогаш ми е доволно и да одам и да ја гледам планината, не мора да се качувам, само да ја почувствувам нејзината енергија.

K4T – Имаш ли доволно време за твојата страст и колку често доаѓаш до Македонија и каде кај нас се чуствуваш како свој на своето, на Матка, Лешница, Демир Капија?

Надир – Често ја кажуваме онаа „кога имаш време немаш пари, а кога имаш пари немаш време“, можеби се вадиме на тоа, но во Швајцарија темпото е брзо и прецизно, ако си многу  спор отиде возот, но веќе секаде е така. Инаку годишно, 3 до 4 пати доаѓам во Македонија и Шара дефинитивно ми е на список, а од локалитетите Матка, Демир капија и Солунска.

K4T – Кој планинарски дом ти се залепил на душа во Македонија?

Надир – Дефинитивно рибарското домче на Лешница, на мој пријател татко му беше претседател на рибарското друштво, да го имаш клучот во тоа време беше привилегија. Сега домот е уништен, но според мене тоа е посебно место. Лешница е магична, со прекрасна природа и река, и во било кој период или годишно време таа плени со својата убавина.

Се надевам некој ден ќе има домче повторно. Се надевам исто и за кулата на Тито врв, да се спаси пред да падне, да се направи од нејзе ноќевалиште со врата и прозори, имам концепт и план сè да биде еколошки, да има и вода и струја. Замислете, јануар месец и вие сте во кулата, ноќе, заштитени, небо полно со звезди и месечина, а облаците долу во котлините, и сè да е бело од снег. Тоа е магија!

Идејата датира уште од 2000-та година кога на 31 декември со Зоран Мајсторски го дочекавме милениумот во кулата. Не остана никаква наша трага. Ветерот и снегот ги прикрија траговите од нашите стапки. Останаа само на фотографиите што ги направивме. Ако не се санира кулата ќе падне, и после ќе останат само фотографиите да сведочат.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија