Како да си ја сакате работата?

Многумина велат дека без профит човекот не го дава својот максимум во работата. Но дали е навистина така? Во јога-практиката се вели дека најдобрата работа е онаа што е извршена со љубов.

 

Еднакво „гламурозно” може да се чувствувате и како доктор и како чистач во истата болница, зашто секој ден придонесувате за животот на другите, дури и ако тоа не може веднаш да се забележи. Карма-јогата го објаснува тоа како несебично дејствување, со ентузијазам, концентрација и без преоптоварување со крајните резултати. Доколку постојано сме фокусирани на нив, наместо на самата работа, може да се разочараме и да ја загубиме надежта пред да направиме што било. Тоа може само да ги ослабне ефектите и резултатите да не бидат доволно добри.

Не постои стопроцентно совршена работа. Секогаш ќе има луѓе со различни гледишта од нашите и секојдневно ќе се соочуваме со конфликти, стресни ситуации, па и со доза на рутина при работењето. Затоа, не треба секогаш да се прашуваме дали работата е добра, креативна и дали нуди нови можности. Важно е што ние можеме да понудиме и дали го даваме најдоброто од себе. Сето она што го правиме, дури и самата мисла, има свои последици. Исто како што едно семе може да порасне во големо дрво кога има поволна средина за тоа, така и секое наше дејствување ќе даде плод.

Себичното дејствување, дури и во најпријатната работна средина, доведува до нарушени односи, осаменост, фрустрации, постојана напнатост, додека несебичната работа ќе ни донесе лојални пријатели, сигурност, верба во човечката добрина и желба да се даде уште повеќе. Кога работиме само за економска корист, престиж или моќ, постојано сме во некоја тензија. Работењето со љубов и без врзаност за резултатот е дејствување и живеење во целосна слобода.

Не треба да им завидуваме на оние чии работни места ни изгледаат попрестижно и покреативно. Ние сме каде што сме, го правиме тоа што го правиме, затоа што има нешто што треба да научиме од тоа. Она што сме го мислеле, правеле и посакувале нѐ довело до таа работа и до тие колеги и тоа е ситуација во која ние треба да „пораснеме”. Тоа е духовен закон.

Марија Сиљаноска Михајлоска, наставник по јога