Дечко, од кај ти е лепакот

Aко некогаш сте тренирале фудбал како дете, голема е веројатноста дека сте ја чуле онаа тренерската ” за да бидеш добар техничар треба навечер да спиеш со топката”.

Метафорично или не, но испаѓа дека момциве подоле во текстот освен што спиеле навечер со топката, не ги пропуштале и попладневните дремки.

Жонглирањето или Кипи Апи (Keepie uppie) е вештина која е дел од фристајл фудбалот во која не е дозволено топката да ја допре земјата, а за да го постигнете тоа можете да го употребите било кој дел од телото освен рацете.  Момците и девојките со контрола на топката толку силна како да се премачкани со “лепак”, нема да остават никого рамнодушен. Овие луѓе како високо посветени мајстори на Кипи Апито не само што жонглираат туку и создаваат уметност со своето тело.

Едно од најзвучните имиња е Дан Магнес кој дури и како дете од 11 години има жонглирано 100 000 пати без топката да ја допре земјата. Дан е воедно и човекот кој го држи светскиот рекорд во наjдолго време поминато жонглирајќи без престан од 26 часа, и најдолгата дистанца помината во жонглирање од 48 км. Бројките сами говорат за посветеноста и за тренингот што овие луѓе го прават секојдневно.

Друг пример кој лесно барата со топката и повеќе личи на фабричка машина за брзо штанцање  е Паркер Куклински од САД кој за 30 секунди прави 252 контакти со топката во воздух, со други зборови ја цепка секундата на осум контакти, неверојатно.

 

Од девојките со “лепак” интересен пример е Клои Хегланд која за 60 секунди ја има допрено топката 339 пати без да падне.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија