Дали жените со тренинг можат да добијат машка мускулатура?

Едно од најчесто поставуваните прашања од страна на женскиот пол. Можно ли е жена со тренинг да добие машка мускулатура односно таканаречени „билдерски” мускули?

Едно од најчесто поставуваните прашања од страна на припадничките на поубавиот пол гласи: „Сакам да вежбам, но не сакам да станам како билдерка и да добијам големи мускули„ и секогаш одговараме исто: „Не е можно женско да добие големи мускули со нормален тренинг, нема никаква шанса за такво нешто”.

Сега ќе ја објасниме причината за неможноста една жена да добие машка мускулатура со нормален тренинг (потенцираме: нормален тренинг и нормална исхрана).

Освен што мажите имаат појаки и поголеми коски и појаки мускули постојат уште два фактора кои директно влијаат за таквата состојба: Хормонот за раст и нивото и искористливоста на тестостеронот во организмот. Кај мажите и двата хормона се излачуваат во поголема доза отколку кај жените, но додатно и нивната искористливост кај мажите е поголема.

Пример на природно развиена женска мускулатура со долгогодишен џудо и тежински тренинг без употреба на HGH и анаболни стероиди (Ronda Rousey -шампионка во ММА UFC за жени и бронзен медал во џудо на Олимијадата во Пекинг 2008).

Пример на „жена” со значително поголема количина на тестостерон од нормалните вредности и додатно употребува анаболни стероиди. Приметливи се виличната коска и мускулите кои наликуваат на машка мускулатура и скелет (Cristiane “Cyborg” Santos – бивша Страјкфорс шампионка, суспендирана една година заради употреба на анаболни стероиди).

Од примерите се гледа дека една жена и со најригорозен тренинг никогаш не може да добие големина на коски и мускулна маса како еден маж на нејзина висина со здрав скелет и мускулатура, под услов да не зема анаболни стероиди или HGH но дури и тогаш анатомски пак не е можно жена да добие иста мускулатура како машки активен спортист од истата бранша.

Од друга страна, една жена која редовно тренира може да стане физички појака од маж кој вежба само рекреативно, малку или воопшто не тренира иако нејзините мускули нема да бидат предимензионирани. Во секој случај треба да се потенцира дека редовниот и правилен тренинг го подобрува здравјето и создава убава, складна и здрава мускулатура (фигура).

Заклучок: Слободно вежбајте, хранете се здраво, правете поголем број на повторувања ако сакате да добиете дефиниција, а помал ако сакате да зголемите мускулна маса (што во секој случај препорачуваме) зашто јаки коски и мускули значат посилен имунолошки систем и физичка сила со што несомнено го подобрува квалитетот на животот и воедно има позитивно влијание на самоодвербата и општата психичка состојба.