Трицепс пропаѓања – Било каде, било кога

Пропаѓањата (dips) се интензивна изолациска вежба за развој на ефективна сила во горниот дел на телото. Може да се изведуваат на специјално дизајнирана машина, на скали, столица или било кое друго место зависно од можностите и креативноста. Што и да одберете нема да згрешите. Во секој случај ќе работите со сопствената тежина како тег, а резултатите ќе бидат видливи и функционални.

Пропаѓањата спаѓаат во групата на вежби со туркање. Оваа вежба првенствено работи на изградба на трицепсот но исто така активира и влијае на подлактицата, рамената, градите и долниот дел на грбот. Заради постојаната потреба од балансирање, сите наведени групи на мускули се активни и под непрекината контракција од првиот момент кога ќе застанете во позиција за изведување на вежбата. Идеални се за сите спортисти и активни луѓе, без разлика на спротот со кој се бават или практикуваат.

Како се изведуваат

За да направите правилно пропаѓање, цврсто фатете ги рачките на машината за пропаѓање и подигнете се. Нозете треба да бидат споени една со друга и свиткани во колената. Пробајте да не се навалувате нанапред со горниот дел од телото. Полека спуштајте се надоле се до моментот кога вашите раце не направат агол од 90 степени. Турнете се нагоре се додека рацете не бидат комлетно исправени, задржете една до две секунди а потоа вратете се во првичната позиција. Направете повеќе повторувања. Доколку немате пристап до машина за пропаѓања, можете да импровизирате со било што друго. Разбој, столици, скали…

Доколку сте напредни во изведувањето на оваа вежба, можете да експериментирате со ширината на рачките. Зависно од тоа на која ширина ги работите пропаѓањата, мускулните групи кои ги таргетирате се различни. Широкиот фат при изведувањето пропаѓања повеќе ги актвира мускулите на градите и меѓуребрените мускули, додека пак потесниот фат првенствено влијае врз рамената и трицепсот.

Ако сакате тело кое има Vформа тогаш пропаѓањата се нешто што морате да го вметнете во вашиот тренинг. Посебно пропаѓањата со широк фат. За разлика од останатите вежби за гради, пропаѓањата нема да ги направат вашите гради преголеми туку ќе им дадат природен изглед, тонус и ширина. Редовното изведување ќе ви даде одлична основа за напредни вежби за горниот дел на телото кои вклучуваат екстра тежина и исто така ќе го зголеми нивото на издржливост на мускулните влакна.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија