Типови на мускулна контракција

Општо земено 40-50% од вашата телесна маса им припаѓа на мускулите. Кога ќе удриш проста математика, половина од тоа што си ти се контрахира, гори и произведува енергија и ти врши работа во која се нужни од најситни и прецизни движења до движења што поместуваат огромен терет, понекогаш и двојно поголем од вашата телесната тежина. 

Мускулите се поделени во три категории

  • Скелетни
  • Мазни
  • Срцев мускул
Она што е заедничко за сите е контракцијата која е основно дејствие и функција на мускулот.

Постојат три типови на мускулна контракција во скелетната мускулатура која е најприсутна во човечкото тело и која е одговорна за сите движења.

• Концентрична (concentric)
• Екцентрична (eccentric)
• Изометриска  (Isometric-static)

Концентричната контракција е тип на мускулна контракција при која се намалува должината на мускулот за да се генерира сила. Таа се јавува доколку отпорот не е над максималната можност на одредената мускулатура.

За време на овој процес мускулот се набира односно мускулните филаменти актин и миозин се преклопуваат (лизгаат еден кон друг) меѓу себе. Овој механизам се случува по должина на мускулните влакна на засегнатата мускулатура каде се извршува (стимулира движењето) тоа допринесува до генерирање на сила врз тетивите односно припоите со скелетот која предизвикува скусување на аголот во одреден зглоб.

Колку отпорот врз засегнатиот мускул (мускули) се намалува толку и брзината на контракцијата се зголемува. Пример за тоа е флексија во зглобот на лактот.

Додека кај екцентричната контракција мускулот генерира тензија за време на издолжување на мускулите за да се спротистават на одреден надворешен отпор. Во овој случај аголот во зглобот се зголемува, а припоите се одалечуваат спротивно на концентричниот модел.

Овој тип на контракција најчесто се јавува како спротивставување на концентрично генерираната сила на агонистите како заштитен механизам кој ги штити зглобовите и мускулите од повреда. Овозможува глаткост во движењето и воедно ги успорува наглите движења.

Добар пример за тоа е кога задната ложа дејствува како антагонист со екцентрика наспроти предната ложа кога се изведува удар-шут со ногата.

Екцентричниот тренинг се користи во многу тренажни процеси за дополнително стимулирање на мускулатурата а воедно е и во основата на плиометрискиот модел на тренинг. За време на ваквиот тренинг ризикот за повреда е голем бидејќи мускулните филаменти се одалечуваат едни од други и затоа има поголема можност за траума(мускулно истегнување) особено ако надворешниот отпор е голем.

Затоа не е препорачливо ваквиот модел да го применуваат почетници, а за оние кој се подлабоко навлезени од голема важност е подготовката и загревањето на работната муслулатура која воедно не треба да биде исцрпена од претходна работа или тренинг.

Запомнете дека за време на екцентичната контракција мускулот генерира 10% повеќе сила отколу во услови со концентрична контракција.

Изометриската контракција се јавува кога мускулот создава тензија за да совлада некаков отпор без да се промени должината на мускулните влакна.

Добар пример за тоа се одредени гимнастички елементи на карики каде одредена позиција во која се генерира значителна сила и се задржува одредено време.

Секојдневен пример за изометриска контракција е стисокот на дланката за да можете да ги држите кесите од пазарувањето. Голем бенефит од ваквиот тип на контракција има при нејзината употреба во процесот на рехабилитација за зголемување на мускулната сила без да се нанесе значителен стрес на зглобовите и зглобните структури.

Одредени спортови изискуваат високо ниво на статична мускулна сила односно потреба од изометриска контракција за време на изведбата на технички елементи или позиции како на пример во јогата, спортското качување и гимнастика.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија