Зимска на Љуботен

Неколку дена покасно, на 14ти декември, една мала група љубители на планината самите си го прославија интернационалниот ден на планината, кој инаку е 11ти декември, посетувајќи го Љуботен во благо зимски услови. „Благо“ зимски затоа што времето беше повеќе како есен, ама па сонце колку сакаш за уживање.

Еднодневна екскурзија за мерак. Тргнавме од Скопје околу 7 часот и бевме 7 души. Четворица од нив од Старо село до планинарскиот дом „Љуботен“ отидоа заедно со домарот Мите и неговата „Нива“, а ние тројца решивме да си одиме пеш од долу. 

За некои час и половина веќе бевме во домот, каде правевме кратка пауза за кафе и земавме здив. Од некаде се уфрли околен ловџија кој радо ни ја подаде испразнетата пушка да осетиме како е да се држи едно такво оружје и да се погледне низ, пазете „Сваровски“ визирот. 

Од таму, тргнавме нагоре. Во првиот дел од патеката имаше многу малку снег за декемвриски услови, но како качувавме нагоре покривката стануваше подебела. Облак немаше ни малку, така што имавме перфектен поглед на сите географски обележја во околината па и во далечината.

А горе.. Ех, горе беше фантазија. Прогнозата за многу малку километри на час ветер се исполни и ни овозможи да уживаме во врвот.

На враќање Мите не почасти фантастична топла супа, а се напивме и по едно од неговото домашно вино „Старо село“ кое не загреа за накај дома. Со „Нивата“ до доле, и правец на благо..

Во принцип, феноменален начин како човек да потроши еден ден.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија