Здрави совети за здрави колена

Ако сте од оние кој во своите нозе уздуш и попреку изоделе многу планини, истрчале безброј улици и царувале по маалските терени за спорт, тогаш ја имате потребната возраст и одозгора на тоа ако имате болки во коленaта оваа статија ќе ви е таман. 

Бидејќи не најдоа светските учени еликсир за да се подмладуваме, она што ни остана е да најдеме начин да го забавиме овој неизбежен процес на стареење и да превенираме се што може да се превенира за да имаме поудобен и посреќен живот.

Многу од постарите (и не само постарите) активни и неактивни лица имаат болки во колената, а за да го одржите телото витално важно е да се движите, а така колената се секогаш на удар. Кај нас коленот има многу спечифична генетосоцио-етнолошка позадина (до трето колено/ме врти коленото и друго), па така еве ви неколку совети за тоа како да ги намалите болките во коленената доколку ги имате, додека спортувате или сте активни на било каков начин.

Со текот на годините овој витален зглоб во телото се соочува со многу предизвици. Тоа може да резултира со дегенеративни промени, на коскената структура, со изабување на ′рскавичниот материјал, лигаментите и другите структури. Еве неколку совети како да му вратите на своето колено со добро за неговото верно служење.

  • Бидете грижливи кон колената и затоа одберете некоја спортска и рекреативна активност која ќе биде со помал импакт на вашите колена. Додека си млад колената ја имаат амортизацијата на Ленд Ровер, но како времето одминува таа амортизација повеќе наликува на онаа од спуштено Југо. Тоа значи дека наместо трчање ќе требате да направите рокада со некоја друга активност како пливање или возење велосипед. Доколку сте мераклии на тенис на пример пробајте да играте во парови па така помалку ќе трчате на тврдата подлога а ќе уживате во секој удар.                                                     
  • Носете квалитетни и соодветни обувки за различни спортови и подлога, бидејќи така во голема мера ќе превенирате појава на болки во коленото. Особено кога трчате, одберете патики за таа намена, а не патики за во сала. Доколку не сте сигурни што точно да изберете консултирајте со својот доктор, продавачот или вашиот личен тренер.
  • Употребувајте разни помагала како стегачи и бандажери доколку имате непријатни болки кој ви пречат, но не заборавајте да ја одржувате еластичноста и мускулната сила на мускулатурата која има улога на активен стабилизатор во зглобот на коленот. Тука спаѓаат мускулите од предната и задната ложа на ногата. 
  • Доколку често планинарите или пешачите на долги трекинг тури носете стапчиња за планинарење, така ќе го намалите притисокот на колената особено ако носите допонителен товар, а со тоа ќе спречите појава на болки. 
  • Хранете се здраво, многу студии го потврдуваат ефектот на храната со низок гликемичен индекс во борба и контрола против воспалителните процеси и болката во колената. Вашата диета треба да изобилува со многу овошје и зеленчук кој имаат низок гликемичен индекс и со нерафинирани интегрални жита. Омега-3 и Омега-6 масните киселини исто така е важно да бидат присутни во секојдневното мени.
  •  Додадоците во храната односно суплементите можат да делуваат благопријатно, особено оние кои содржат глукозамин.
  • Одржувајте нормална телесна тежина, бидејќи доколку сте со прекумерна телесна тежина имате многу поголеми шанси да развиете остеоартритис на колената. Доколку ја намалите тежината за само 5 килограми ќе го намалите за 50% ризикот од појава на артритис на колената.
  • Доколку сте жена која почесто носи високи потпетици треба да знаете дека токму високите потпетици го зголемуваат притисокот во колената за 23% што повторно може да доведе до болки во коленото.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија