Наслов

Вози точак, ама чувај го интимниот „трап“

Немојте да паничите ако после подолго возење почувствувате непријатни, болни сензации во вашето меѓуножје проследено со отрпнатост. Овие симптоми само ви сигнализираат дека нешто не е во ред со нагибот и висината на вашето велосипедско седло.

Добро подесено седло кон индивидуалната анатомија на надворешниот генитален комплет  кај обата пола е предуслов за пријатно возење. Принципиелно, вакви непријатности се почести кај мажите поради пореметеното крвоснабдување на простатата.

Седлото мора да биде поставено паралелно со подлогата или водорамно. Ако почуствувате било каков поголем притисок во предната перинеална регија, едноставно за нијанса треба да го спуштите, толку малку за да немате чувство дека се лизгате кон напред. Несоодветно монтирано седло со подигнат преден дел гон горе е основниот проблем за непријатноста.

Дополнителна заштита секако е седиште со соодветна мекост и ергономски карактеристики за заштита на вашите гениталии. Седалните коски ја пренесуваат главната тежа на задниот дел од седлото. Токму затоа е важен соодветниот избор на седло, пропорционално со меѓуножјето и анатомијата на седалната површина.

Исто така, како дополнителна заштитна мерка се сметаат и соодветните велосипедски хеланки, пред сè за подолгите тури.

Втора можна причина е несоодветната висина, односно повисоко поставено седло во однос на пропорциите на долните екстремитети. Висината на седиштето трба да е во граници на должината на испружената нога, кога петата е на педалата на најниско ниво, а меѓуножјето на седиштето.

Со ова мерка се штити перинеалната регија од притисок создаден од некоординирано и неефикасно движење на колковите (горе-долу). Со соодветната висина се штитат и колената од неефикасни движења и последователни болки.

Во секој случај никогаш нема да ви недостасува професионална консултација и проверки на поставеноста на вашето велосипедско седиште во некој сериозен сервис за велосипеди.

Сепак, добро подесеното седиште и препораките за повремено растеретување на перинеалната регија со потстанување и истегнување се основните предуслови за пријатно и удобно возење.

06 Април 2013

За авторот