Тетовирање, велосипеди и музика – интервју со Пепи Димевски

Луѓето што прават успешен животен мултитаскинг се ретки, за тоа треба енергија, решителност и истрајност. Пепи Димевски е токму ваков пример, човек кој ја има избалансирано уметноста – тетовирањето, спортот – велосипедизмот и музиката – гитарата, во срцевината на неговиот живот, доволно добра комбинација за да го привлече нашето внимание и добитна комбинација за кратко интервју за ваша мотивација. 

Спојот на овие три различни струи е само по себе уникатен склоп, како успеа да ги залепиш а така добро да стојат ?

Не е лесно во секој случај, активно почнувам од самиот старт, два часа пред да тргнам на работа секојдневно правам силен тренинг, работните обврски ми почнуваат во 10 часот и со тетовирањето се дружиме до 5 попладне, после иде афтерворк сешн и си се гушкаме со гитарата. Со овие три различни струи се занимавам околу 20 години…

Каде започнува твојата животна приказна со тетовирањето? 

Тоа беше одамна во основно училиште, имавме час каде учениците беа прашувани што сакаат да бидат кога ќе бидат возрасни. Кога дојде мојот ред јас едноставно реков, сакам да бидам тату артист! И еве ме после 25 години го работам тоа што го сакам и сум презадоволен што и тогаш и сега знам дека не погрешив во изборот…

Кога сфати дека во велосипедот има нешто повеќе од само вртење педали.

Добро се сеќавам на мојата прва МТБ крос кантри трка во Маврово, мислам дека тоа беше клучниот момент кој ме води и до ден денешен да го правам тоа што го правам со голема страст. Тогаш сфатив дека не е само вртење педали, тогаш се роди и натпреварувачкиот дух во мене, и не сум го пензионирал и уште го држам во кондиција. На трки одам редовно, така да не е само вртење педали со сигурност.

Натпреварите во велосипедизам се дел од твојот животен стил, колку сериозно се подготвуваш за нив и дали имаат профи или аматерски карактер?

Кога се во прашање натпреварите јас сериозно се подготвувам и тоа ми одзема многу време и енергија, но го правам со големо задоволство. Имам личен тренер кој ми помага во моите тренинзи и ми подготвува програми кои што ги спроведувам и се си дава резултати.

Музика додека тренираш, да или не? Правиш ли спининг или си строго аутдор?

Генерално во текот на неделата возам односно тренирам 6 пати и тие тренинзи се на отворено на велосипед. А за спининг или справи користам поретко или кога правам специјални интервали за издржливост тогаш ми треба и дополнителна мотивација па тука музиката ми е неизбежен додаток.

Планински или друмски, што те влече повеќе и дали си член на некој клуб?

Мојата кариера почна со МТБ, а сега возам и друмски. Не можам да одвојам што повеќе сакам, бидејќи задоволство имам и во двете варијанти, качен сум и возам, тоа ми е најважно. Оваа сезона сум на професионално ниво а имам и спонзор, возам за Демакон.

Нотите и активен спортски лајфстајл..

Да си врзан со музиката а да имаш спортски живот како мојот е малку потешко, но треба да се балансира, ако си добар во сите струки тогаш се наоѓа начин да се избалансира и најбитно е работите да ги одработиш на 100 %. Свирењето за мене преставува релакс, начин на изразување и дружба со многу луѓе кои ме енергизираат.

Моментално сум во Јужна Африка, Јоханнесбург, со велосипедот имам успех, активен музичар сум за душа и имам свој тату шоп кој е многу ценет и познат во Јоханнесбург и пошироко, тоа ме прави среќен и исполнет..

 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија