Светскиот рекорд во трчање на машина и негативните последици од него

На почетокот од минатиот месец Британецот Џејми МекДоналд успеа да го сруши светскиот рекорд за најдолга измината дистанца на машина за трчање во една недела – 844 километри. Она што Џејми можеби не го предвиде е рушењето на неговото тело од преголемиот напор на активноста. 

На 6 мај 2019 година Џејми МекДоналд од Глаучестер, Англија успеа да измине рекордни 524 милји, или 844 километри во текот на само една недела со што го подобри рекордот за 7 милји. За исполнување на овој подвиг,  тој спиеше само 16 часа во текот на оваа недела, а во еден дел останал буден дури 36 часа за ред. Следната недела по рекордот, во локалната болница му беа дијагностицирани низа лоши последици и компликации од претераната активност.  

Колку и да пишуваме и пренесуваме позитивни работи од редовната физичка активност, рекреирањето и трчањето, сепак ваквите подвизи во голема мера влијаат штетно врз човековото тело. Не веруваме дека утре некој ќе проба да го сруши рекордот на Џејми, но важно е да се има во предвид дека слични компликации и проблеми може да настанат и од многу помал волумен на активност во текот на една недела, нешто што честопати се случува кај многу луѓе. 

Подоле пренесуваме дел од компликациите на Џејми дијагностицирани во болницата:

Стрес скршеници 

Според болницата во која бил примен Џејми, тој имал две стрес фрактури на двете стапала. Според докторите, ова е очекувано. Стрес фрактурите најчесто се случуваат во стапалата и нозете кога километражата и тренинзите се зголемуваат премногу бргу и во краток временски период, без соодветен одмор и време за опоравување на ткивата. Причината за нивна појава е повторувачкиот стрес од тежината кој се пренесува на коските. 

Намалени нивоа на црвени крвни зрнца

Според бројките пред и по рекордот на Џејми, тој имал скоро двојно помалку црвени крвни клетки по трчањето. 

Поради долготрајната и повторувачка активност на трчањето, во долните екстремитети можно е да се јави хемолиза односно уништување, пукање на крвните клетки. На подолг период ова може да доведе до анемија која пак со себе си носи свои проблеми. 

Покачени нивоа на ензими

Кога телото работи напорно за време на некоја вежба или активност, дел од мускулното ткиво се распаѓа со што во крвта се ослободуваат одредени ензими и супстанци кои може да бидат штетни за срцето и бубрезите. Нивоата на овие ензими е очекувано да бидат покачени при зголемен напор, но доколку истите повеќекратно ги надминат границите, тоа може да биде сигнал за рабдомиолиза која е сериозна состојба.

Истоштеност и слабо опоравување

Со само 16 часа сон во текот на седум последователни денови, самиот замор може да води до лоша координација, грешки и повреди при активностите. Но, претераниот замор и истоштеноста знае да предизвика и инсулинска резистенција каде телото не е во можност нормално да ги обработи шеќерите како енергетски извор. 

Читајте дополнително на оваа тема

Џејми овој подвиг го направи во хуманитарни цели со што собра 55000 фунти за фондацијата Суперхерој која помага на сиромашни деца ширум светот. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија