Спортска кила (хернија)

Спортската хернија (кила) или атлетска пубалгија (болна препона) многу често погрешно се споредува со правата кила односно ингвиналната хернија.

Синдромот на болна препона всушност е воспалениени на тетивните припои (ентезитис) на аддукторните мускули на долниот екстремитет и абдоминалната мускулатура.

На срамната коска (os pubis) нормално се припојуваат долгиот и косиот аддуктор (мускули кои ја приближуваат ногата кон средната оска) со правиот стомачен мускул (m. aductor longus и mm.obliqvus et rectus abdominis)

Во основа, дисбaлансот помеѓу снагата на овие мускули е главната причина за појавата на оваa  состојба. Во сите спортови каде се присутни енергични и нагли движења, спринтови, извртувања, повторувани вежби со оптеретувања и ротации, спортската болна препона е чест сигнализатор за мускулната пренапрегнатост или мускулната неспремност.

Тапата болка во пубичната регија која се зголемува во оптеретување, а се намалува во мирување, утринска болка, болка при кашлање и позитивeн адукторски тест (осетливост во пубична регија при оптеретување) се доволно за сомнеж.

Во секој случај секогаш треба да се исклучат и други евентуално блиски заболувања со слична или иста симптоматологија (ингвинална лимфаденопатија, заболувања на тестиси, простата, лумбален `рбет и мочен меур).

Добрата дијагностика подржана прво со адукторски тест, а потоа со улта-звучен преглед со евентуална магнетна резонанца се сосема доволни за терапевски пристап. Основната терапевска процедура започнува со прекин на активностите и крио терапија во регијата на болниот синдром.

Медикаментозната терапија со физикална стимулација некогаш се сосема доволни но секогаш подржани со постепено внесување на активности под прагот на болниот синдром. Хирушкиот пристап понекогаш е конечно решение за овој досаден и болен синдром кој многу често може да ја компромитира спортската кариера.

Вежбите за зајакнување на адукторската и абдоминалната мускулатура заедно со квадрицепсот, илеопсоасот како и мускулите од задната надколена ложа се основна превентивна мерка. Флексибилноста и еластичноста на сите мускули од овој кинетички ланец е секојдневна лекција за секој спортист.

Правовремен прекин и дијагностика кај атлетската пубалгија се основа за брз и успешен повраток во спортски активности. Превентивните вежби се основна мерка за успешен спортски живот.