Со јоги дишење до секундарен релакс

Ако сте фатени во оние кнап моменти на стрес до плафон, а обврски еден тон, секогаш можете да се потпрете на старото добро смирувачко дишење. Но, како да се релаксирате најбрзо и најефикасно и на што повеќе треба да се обрне внимание, на вдишувањето или пак на издишувањето? 

Еве малку јога, поткрепена со наука!

Целосно погрешно е мислењето дека тајната на смирувачкиот ефект на дишењето лежи во една од неговите акции, инспирацијата (вдишувањето) или екпирацијата (издишувањето). Некој повеќе се концентрира на вдишувањето, а некој на издишувањето, но всушност, самиот акт е една целина и релаксирачкиот момент најбргу се пронаоѓа кога постои баланс на двата процеси.

Секогаш балансот е тој што победува! И ова е научно докажано од Универзитетот Рехамптон во Англија каде студијата покажа дека еднаквите периоди на двата процеси носат најголема стимулација на вагусот (десетиот кранијален нерв).

Вагусот е тој што го диктира темпото на парасимпатичкиот нервен систем, кој има влијание врз срцевата работа и крвниот притисок намалувајќи ги нив, а индиректно и самите нервни структури задолжени за стрес и гнев.

Стимулирањето на овој нерв може да се направи преку самото дишење. Затоа во јогата постои правилото „За да стекнеш контрола врз телото, научи да го контролираш дишењето“. Контролата на дишењето секогаш знае да помогне во олеснување на изведувањето на асаните, но и еве, може да се покаже добро и за оние кои не практикуваат јога поготово во стресните моменти од секојдневието.

И за да не ве задржуваме многу, еве ги резултатите и заклучокот од студијата. Нервозни? Вдишувањето и издишувањето нека траат исто. За почеток нека биде 6 секунди за целиот акт (по 3 секунди на процес), а како ќе напредувате, пробувајте уште подлабоко да вдишувате, но секогаш исто толку време да издишувате.