Што со плускавецот на планина?

Тргнувате на викенд на планина да издувате глава на некој врв, супер време, дружина, и од нигде – никаде плускавец. Рачна! Ајде прво да спречиме, па ако се случи ќе лечиме.

Плускавците се последица на прекумерно триење на кожата најчесто на типични места на стапалата и рацете. Честа и непријатна состојба особено кај спортисти и рекреативци која бара неколкудневен третман за комплетен опоравок во најдобар случај. Нема последици, а компликациите се поради несоодветен третман.

Во основа главна причина се долги континуирани триења и притисоци во услови на топлина и голема влажност и пот. Лошите и неквалитени обувки кои не кореспондираат со големината на стопалот, несоодветен дизајн во однос на прстите и петицата или присатни подигнати шевови и несоодветни влошки се дополнителен проблем.

На тоа се надоврзуваат несоодветни чорапи како по големина така и по квалитет на изработка. Чести се плускавци од шевовите на врвот од чорапите. Било какви деформитети на стопалото барат сериозен пристап во превенцијата со користење на соодветни ортопедски влошки.

Надворешниот слој на кожата (epidermis) се раслојува поради различните правци на движења со околината и се формираат поткожни џебови со телесна течност. Истиот се надигнува над кожата и прави околна компресија со болен синдром. Неретка е состојба кога се инволвира и помал крвен сад и се ствараат така наречените крвави плускавци.

Особено важно е познавањети на локалните симптоми пред појавата на плускавец. Чувството на топлина на одредено место или ЖЕШКА ТОЧКА со црвенило на кожата се аларм за прекин на процесот на формирање на плускавец.

Едноставно направете евентуална корекција на обувките, променете ги чорапите а најважно од сè е сушење и ладење на жешката точка. На крај истата регија се препокрива и фиксира со соодветен фластер со перниче. Во најдобар случај се прекинува спортската активност.

Процедурата кога веќе имаме формирана плуска пред сè зависи од вас, дали ќе ја оставите таква каква што е да се излекува самата по природен пат или ќе мора да ја дупнете за да ја ослободите од течноста а со тоа и да ја продолжите активноста.

Најдобра е првата опција се разбира ако имате таква можност и немате болки. Се препорачува мала ладна компреса, а потоа се остава плуската сама за неколку дена да си ја апсорбира течноста до комплетна санација.

Постапка за третман на болна плуска

  • тоалета со топла вода и сапун
  • припрема на игла, најдобро стерилна, медицинска, а ако немате тогаш било каква но со предходна дезинфекција со алкохол и загревање.
  • се прават неколку убоди на плуската секогаш од бочните страни
  • лесно се истиснува течноста низ дупчињата, а регијата се суши
  • кожата не се отстранува бидејќи таа е одлична заштита од инфекции
  • плуската се премачкува со некои антисептик, најдобро јоден препарат
  • се препокрива со комбинација газа/завој или соодветни бандаж ленти/фластери со цинк оксид.

По неколку дена организмот ќе си организира нова кожа, а старата сама ќе си испадне.
Користењето на антибиотски масти доаѓа во обзир ако имаме знаци за инфекција.

ВНИМАНИЕ: ОВИЕ СОВЕТИ СЕ ЗА ТРЕТМАН НА ПЛУСКАВЦИ НА БИЛО КОЕ МЕСТО ПРЕДИЗВИКАНИ ИСКЛУЧИВО ОД ТРИЕЊЕ!!

Сите други плускавци, були и други слични промени се можеби предизвикани од изгоретини или каснатини од некои инсекти т.е. алергиски реакции, контактни дерматози и други заболувања и се причина за докторска консултација.

Препораките за одржување на суви нозе со почеста промена на чорапи и премачкување со вазелин за да се намали триењето се уреден совет, а носењето на медицинска кутија е обврска за да избегнете несакан кошмар.