Поти поти потиме

Потењето е нормален физиолошки процес со кои се регулираат телесната температура и процесите на елиминација на крајните продукти на метаболизмот. Често пати критикувана „непријатност“ поради своите мирисни и визуелни карактеристики кои лесно ќе се заборават доколку ги земеме во предвид придобивките од овој процес.

Во состојби кога имаме повисока надворешна температура или било каква физичка активност, за да не дојде до прегревање на телото потните жлезди лачат пот на површината на кожата. На тој начин се овозможува ладење по пат на евапорација (испарување). Интензитетот на потењето зависи од надворешната температура и нивото на физичката активност.

Нашето тело има околу 2-4 милиони потни жлезди кои се уредно контролирани од вегетативниот нервен систем, значи, не по наша желба. Тие најгусто се распоредени во пазувите, стапалата, гениталните регии и челото, а најмалку на бедрата.

Потта е жлезден секрет во чиј состав има вода, натриум, хлор, калиум, калциум, млечна киселина и мали количини на гликоза, а преку незјзиното излачување се елиминираат низа на штетни материи, токсини како и опасни тешки метали како алуминиум, жива и манган.

Аклиматизација на суво и топло време
Аклиматизација е всушност процес на адаптација на организмот на променетите природни услови во кои тој се наоѓа, се со цел подобро да функционира. Ова е особено важно при престој во топла и сува клима бидејќи има цел да го возбуди системот да лачи повеќе пот која ќе овозможи подобро ладење, но и да ја урамнотежи регулацијата на губење на натриум хлорид (важен електролит во телото). Затоа е потребно доволно време организмот да се навикне и да изгради нов шаблон на соодветно потење и „штедење“ на вредните материи кој се излачуваат.

Доколку испратите било кој неаклиматизиран човек или спортист  да трча некаде во Сахара тој ќе поти околу 1,5 литри пот на час (бидејќи организмот работи по веќе поставен шаблон), а тоа нема да биде доволно за негово адекватно ладење. Сето тоа ќе биде придружено со губење на повеќе натриум хлорид (во максимални количини до 25г на ден) а тоа ќе резултира со намалена физичка способност и може да доведе до сериозни електролитни дебаланси (дехидратација, хипотензија, грчеви во мускулатура итн.).

За разлика од неаклиматизираните личности, аклиматизираните или оние кои живеат таму при истата физичка активност ќе потат околу 3,5 литри пот на еден час, но тоа ќе биде економично насочено кон зачувување на солта и тие ќе лачат само 5г на натриум хлорид на ден. Затоа тие ќе можат правилно да се изладат, а нивниот организам нормално ќе работи и секако дека ќе покажат подобри резултати.

Ова е едно совршено решение на организмот преку кое се постигнува посакувана рамнотежа и максимална ефикасност, но мора да му се даде време за негово аклиматизирање. Веќе по една неделна помината во новите услови разликата е евидентна, но за максимално аклиматизирање се потребени најмалку две недели. Сето ова мора да биде придружено со адекватно хидрирање и внесување на електролити преку диетата.

Во блиската историја на холандската морнарица при регрутација на морнарите се применувал ефикасниот „испит на потење“. Тестот се состои во тоа што кандидатот треба да престојува одредено време во простор со висока температура, но ако тој недоволно се поти бива елиминиран од приемот како доказ за телесна неспремност за престој во топли климатски предели.

Физиолошко прекумерно потење
Оваа состојба се јавува нормално кај зголемена физичка активност, во бременоста, кај обезни луѓе, во топла клима, кај жени во климактериум, во емоционални и психички стресни состојби кога се лачат повеќе катехоламини (адреналин и норадреналин), при користење на одредени лекарства како аспирин, кортикостероиди, антибиотици како и по консумирање на поголеми количини на кофеин, никотин и алкохол.

Патолошки прекумерно потење (хиперхидроза)
Тоа е резултат на патолошки зголемена активност на потните жлезди предизвикана пред се од пореметената функција на симпатичкиот и парасимпатичкиот автономен систем и резултат на наследниот фактор. Различни патолошки состојби на еднокриниот систем, централниот нервен систем, хипогликемијата и малигните заболувања се можна причина за хиперхидрозата.

Потењето и миризбата
Прекумерното потење во комбинација со лошиот мирис на потта во секојдневието на човекот знае да биде давеж. Па како правилно да се справиме?

Сите ние имаме секој за себе единствен мирисен код кој зависи од многу ендогени и егзогени фактори и тој баш и не може да го менуваме.

Но, влажната и испотена кожа е идеално место за размножување на бактерии и габи.

На 1см2 живеат околу еден милион бактериски единки кои исклучиво функционираат благодарејќи на нашата пот. Краен резултат на нивниот метаболизам е непријатната миризба на нашата пот.

Во стратегијата на „миризливиот“ профил секако е одговорна и телесната состојба и надворешните фактори т.е. консумирањето на поедини продукти како зачини, конзерванси, алкохол, кофеин и други.

Сакајќи да се ослободиме од непријатностите на потењето ние користиме разни козметички препарати кои имаат важни разлики меѓу нив.

Дезодорансите имаат антисептично т.е. антибактериско дејствие и делуваат пред се на неутрализацијата на мирисот на потта, а не го стопираат потењето.

Антиперспирантите пак се моќно средства кои ги блокираат одводите на потните жлезди. Тоа се најчесто соли на алуминиумот. Чести реакции од нивна употреба се воспаленија на кожата, алергии па дури и воспаление на лимфните жлезди. Затоа бидете внимателни при користењето на овие продукти.

Потењето е здраво, нормално и важно за одржување на здравјето, изгледот и расположението. Тоа е природен начин за заштита на кожата и организмот кој не треба да го спречуваме или избегнуваме.