Планинарски прикаски

„Даре Џамбаз“ на Водно, љубов на многу скопјани

Водно – Неопходно!! Викенд свратилиште за поголем број скопјани, гордост на градот и прибежиште за сите спортско-рекреативни подкатегории. Извишен на највисоката точка од Водно си пркоси еден од најубавите планинарски домови во Р.Македонија, со неговата цилиндрична форма, култова содржина и дух стекнат по долгогодишната служба во име на скопјани и на сите оние што стапнале на неговиот праг.

Ако не сте го пиеле славниот чај во планинарскиот дом „Даре Џамбаз” (1060 м.н.в) а местото на живеење во личната карта ви е Скопје, тогаш треба да се подразмислите за името во графата. Прекрасен видокруг, вистинско плодење на погледите, бои и хоризонти зачинети со пријатен разговор со пријатели и познаници.

Друштва седнати на ѓезме како чувари на викенд постулатите на нашиот народ: да се прошета, да се касне, да се пивне, да помуабетиме. И сето тоа во енергија што ја има само таму и никаде на друго место.

Кој пешки од полицијата, кој со велосипед, некој од средно, преку олимписка, димитар- цеветкова или пензионерска патека. Други со жичарницата, а трети од Соње, Нерези или Кисела вода го напаѓаат неприкосновениот викенд пункт.

Кога го снимавме видеото имавме прилика да поразговараме и со домарот Трајче кој моментално е задолжен за негово одржување и да дознаеме нешто повеќе за моменталните условите на домот. Според него, од основни елементи за преживување недостасува, вода. Што ги усложнува условите за подолг престој во домот и го намалува капацитетот за да се развијат повеќе угостителски содржини.

Досега, вода се носи во пластични туби кои се со ограничен капацитет, а треба да се искористат за многу работи кои се основни за одржување и живеење тука.

Објектот во 1948 година прво се користел главно за телекомуникациски потреби, а подоцна во 1952 година е оформен и како планинарски дом. Инаку домот е реновиран во два наврати, во 1958 и во 2000 година. Овој дом не е бизнис ориентиран туку работи услужна дејност со многу прифатливи цени, а го стопанисува планинарското друштво “Бистра”. Домот има 30 кревети, но условите за одржување се отежнати поради, проблемот со вода – вели Трајче.

Па доколку не сте го посетиле ова култно место без разлика дали сте од Скопје или не, зауздете се и направете една тура (ве молиме без автомобил) за да го имате Скопје на дланка барем за кратко време. Така ќе го засакате повеќе.

Други Планинарски Прикаски.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија