Планинарски прикаски

Убавини до Планинарски дом „Чеплес“

Планинарската патека од Папрадиште до Чеплес ни ги наполни душите со убавина… Два часа уживање, а крајот само дополнително го украси делото како ”cherry on top”. Погледнете и сами!

Домот е изграден во 1952 година, во почетокот неговата намена била како ловечки дом, а подоцна во 1955 година предаден е на управување на Планинарското друштво – „Солунска Глава” од Велес и претворен во планинарски дом.

Од неодамна домот е приватизиран и со него располага Спортскиот атлетски клуб „Изгрев” од Велес.

Моментално се довршува реновирањето на новиот дом каде новиот дом и стариот планинарски дом ќе се затоплуваат со централно греење кое е во изградба. Зградата ќе добие нова термо фасада и ќе биде пријатно место за посетителите.

За наредната година се планира изградба на спа центар, базен за пливање, видиковец и тераса од 25 метра која ќе пружа преубав поглед кон Азот и прилепско, а сето ова ќе биде на располагање на сите туристи и планинари.

Домот има 5 соби за спиење од кои 2 поголеми со групни лежаи. Има 56 кревети, но со групно сместување може да се сместат околу 100 планинари. Домот редовно се одржува, има електрично осветлување, довод на вода од сопствен извор – Нортонов бунар (пумпа). Надвор од домот има чешма со природна вода што е исправна за пиење.

Домот е постојано отворен и има постојан домар.

Планинарскиот дом „Чеплес“ се наоѓа на планината Даутица, на планинскиот масив Јакупица. Домот се наоѓа во шума од високи букови дрва. Околу домот има широко отворен простор, тревнат и обраснат со папрат. Има извонреден планински амбиент и поглед кон врвовите на Јакупица и Плавник. Домот е изложен на исток и има долг сончев период преку денот.

Со автомобил може да се пристигне од Богомила (50км југозападно од Велес), преку селото Нежилово или преку селото Папрадиште. Со возило по патот до домот се стигнува за околу 1 час од Богомила. Патот од Богомила до селата Папрадиште и Нежилово е асфалтиран и се наоѓа во прилично лоша состојба, на некои места асфалтот е значително оштетен поради што потребно е внимателно возење. Патот е тесен и во горниот дел кон горните села практично е невозможно разминување на две возила поради што во денови на значителна посетеност на ова подрачје се создаваат подолги колони поради застои заради разминување.

Со воз може да се пристигне ако се користи железничката линија Велес – Прилеп – Битола, со симнување на железничката постојка кај селото Ореше, потоа пеш се оди по трасата Петле – Папрадиште – Чеплеска река во траење од околу 3-4 часа. Или преку Нежилово со речиси исто времетраење. Патеките се обележани и главно добро одржувани од страна на Планинарското друштво – „Солунска Глава”.

Можни излети

Планински велосипедизам: Богомила – Нежилово – Чеплес.
Алпинистички искачувања по Нежилови карпи во околината на домот.
Излет до изворите на реката Бабуна, во месноста Бабина Дупка, пешачење 2 часа од домот.
Искачување на врвот Солунска Глава, со височина од 2.539 m, околу 2 часа печашење во добри временски услови во летен период. Можни се брзи промени на временските услови од кои причини искачувањето до врвот се препорачува на искусни планинари или во организирани групи во кои има искусни планинари.

Траса: Чеплес – Солунска Глава – Убава – Патишка река – Скопје.
Траса: Чеплес – Солунска Глава – Планинарски дом „Караџица” – Планинарски дом „Китка”.

Останатите планинарски прикаски можете да ги погледнете ТУКА.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија