Од нежните стапала си патиме

Веројатно имате тренинг план, денови во кои тренирате специфична мускулна група од телото или пак денови во кои фокусот е ставен на кардио вежбите. Во целиот тој тренажен режим постои еден дел од телото кој речиси сите комплетно го запоставуваме. Кога последен пат сте направиле тренинг за сила и издржливост на стапалата?

Кога станува збор за вежбањето, ние луѓето сме прилично субјективни и егоистични околу нашите методи, принципи и планови за тренинг. Вежбаме на секој може начин и во секое можно време. Тренинраме Крос фит, трчање, бодибилдинг, фитнес, велосипедизам, вежбаме со сопствена тежина, имаме денови во кои работиме одредени делови од телото. И сите ние, без исклучок забораваме да направиме тренинг на основата од која тргнува сè.

Стапалата се основата на секое движење на човекот и се клучни за исправената положба на човекот. Од стапалото тргнува комплетниот кинетичко-механички ланец и било каков дисбаланс, повреда или слабост може да биде појдовна точка за повреда на било кој друг дел од телото. Во суштина, здраво и силно стапало е од круцијално значење за севкупната моторика кај човекот, правилно држење, правилен баланс и превенција на идни повреди.

Иако станува збор за исклучително комплексен дел во анатомска смисла, вежбите за стапала воопшто не се сложени и можете да ги изведувате било каде. Како и за било што останато на почетокот не треба да се форсирате. Доволно е да издвоите 10тина минути дневно неколку пати во неделата. Еве неколку вежби кои можете да ги практикувате во вашиот дом или онаму каде што во моментот се наоѓате:

Одете боси
Една од работите кои најмногу влијае на лошата форма на стапалата е секојдневната употреба на обувки од било каков вид. За почеток одете боси колку што е можно повеќе. Нашите стапала се створени да се адаптираат на подлогата по која чекорат и на тој начин зајакнуваат. Одете подигнати на прсти, односно, на предниот дел од стапалата. Започнете со по неколку секунди и користете ѕид или врата за баланс доколку ви се потребни. Со тек на време можете да се обидете да трчате боси или пак да скокате јаже без обувки.

Трчање на песок
Иако можеби за најголемиот дел од луѓето ова е невозможно од практични причини, сепак не е така. Искористете го времето поминато на летен одмор. Песокот е убедливо најдобрата подлога за зајакнување на зглобовите на стапалото и за подобрена флексибилност на истото. Доколку пак немате пристап до песок, можете да трчате на трева. Тревате е одлична замена за песокот затоа што се приспособува на вашата тежина и е помека. Започнете со 10тина минути 2-3 пати неделно.

Одење по каменчиња
Одењето по заоблена камена подлога можеби звучи лудо, но ова е најдобрата вежба за вашите стапала. Постојаната промена на површината по која чекорите ќе ги активира сите нерви на долниот дел од стапалото кои се задолжени за добра проприоцепција. Тоа ќе значи дека не само што ќе имате посилни стапала туку и превентивно ќе делувате на идни болки во пределот на половината кои се тесно поврзани со лошата рамнотежа или пак повреди на стапалата. Најчесто луѓето кои имаат проблем со “слаби” стапала многу веројатно ќе се соочат и со сериозна болка во пределот на половината.

Вежби со баланс даска
Ако ниедна од претходните опции не ви е достапна или пак мислите дека е недоволна, секогаш можете да се потпрете на даската за балансирање (balance bord). Менувајте што е можно повеќе позиции на даската и предизвикувајте ги вашите стапала и тело секој нареден пат. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија