Најчести скијачки повреди

Повредите на скијачките патеки се чест и сериозен проблем и зависат од физичката спремност, вештината во спортските активности и проценка на временските услови. Специфичностите врзани со квалитетот на снегот, видливоста, техниката на скијање, заморот, почитување на препораките на патеките и пред се квалитетот на опремата се дополнителна причина.

Во историјата на скијањето најчести биле повредите на потколениците, но денес со современиот дизајн на везовите и кондурите за скијање најчести се повредите на колениот зглоб.

Статистички, 30-40% се повреди на лигаментарниот апарат на коленото, а најчести причини се заледените и стрмни падини во лош сооднос со физичката спремност. Лигаментите на коленото се одговорни за одржување на нормалните функции, механичката стабилност и заштита од ексцесивни движења. Секоја прекумерна сила води до различен степен на повредување се до нестабилност на колениот зглоб.

КОЛАТЕРАЛНИ ЛИГАМЕНТИ
Внатрешниот колатерален лигамент (MLC- medial collateral ligament) се истегнува или кине под дејство на сила во правец од надворешната кон внатрешната страна. Оваа е многу често и дел од комплексна колена повреда. Застапена е од 20-25% од сите повреди на коленото.

Надворешниот колатерален лигамент (LCL-lateral collateral ligament) го штити коленото од екстремни движења кон надворешната страна, што значи дека потенцијалната сила од внатрешен правец кон надворешен е причина за траума. За среќа овие повреди се поретки.

Во зависност од тежината на лезијата т.е. дали се работи за истегање, парцијална или комплетна руптура на лигаментот ќе зависи и клиничката слика и терапијата.

ВКРСТЕНИ ЛИГАМЕНТИ
Предниот вкрстен лигамент (ACL – anterior cruciate ligament) е сместен во централниот дел на коленото и е одговорен за ротаторна стабилност и регулатор на движењата на тибијата кон напред во однос на надколеницата. Овие лезии се застапени од 10-15% и најчесто се во склоп на сложени повреди во кои имаме и повреда на внатрешниот колатерал и менискус или таканаречен НЕСРЕЌЕН ТРИЈАС. Се работи за клинички синдром на нестабилно колено кое склизнува кон напред и бара опсежен хируршки третман со долга рехабилитација.

Задниот вкрстен лигамент (PLC – posterior cruciate ligament) е одговорен за ограничување на движењата на тибијата во однос на надколеницата кон назад. Сите екстремни сили со правец од напред се причина за повреда на овој лигамент.

Појавата на болен оток во првите 2 часа од повредата во 75% на случаите е знак за крвавење во коленото при руптура на предниот вкрстен лигамент.

МЕНИСКУСИ
Менискусите се шок апсорбери, стабилизатори и контролори на триењето во колениот зглоб. Нивната повреда е најчесто последица на лигаментарна повреда или слабост. Основен принцип во техниката на повредата е ротација на свиткано колено при оптеретување.

Менискусите може да бидат прснати или скинати, а од тоа ќе зависи и одлуката за понатамошен третман.

Повредите на менискусите можат да покажат знаци дури и по неколку денови со средно изразен оток, болен синдром и функционална блокада.

Силен болен оток, деформитет, болка на притисок, функционална блокада, неспособност при оптеретување се потенцијални знаци за сериозна повреда на коленото и бараат итна консултација со доктор за дијагностика и третман.

Основните ургентни начела во третманот на скорешните колени повреди се сумирани во “R.I.C.E.” принципи:

  •  R (Rest) – одмор
  •  I (Ice) – мраз
  •  C (Compression) – компресија со еластичен или било каков завој
  •  E (Elevation) – високо подигната нога

Секако аналгетиците и нестероидните антиреуматици со својот делотворен спектар се добредојдени.

Добра физичка подготвеност со загревање и истегање пред скијање, добра преценка на теренот, околината и временските услови со добро сервисирана и квалитетна опрема е најдобриот превентивен принцип.