Наслов

Матка на дланка - Св. Недела - Јоргованите

Како што ветивме минатиот петок, ако случајно не ве мотивиравме доволно за малку трек до Шишевски и таа страна на Матка, за овој викенд имаме нешто можеби малку потешко ама исто толку слатко. Инзвонредно чиста природа, солидно дигање на пулс, многу нирвана и шлепери чист воздух.

Овојпат се тргнува од манастирот Св. Богородица (манастирот кај првите ресторанчиња на Матка), и патот ве носи до металниот крст кој што е над овој дел на Треска. Овде е сегментот каде патот се двои и треба да се продолжи по тој што води нагоре, по брдото (убаво маркирано на самата карпа, а и покажано на видеото).

Натаму, стигнувате до Св. Спас каде ве чека малку одмор, уживање и сенка. Од таму патот продолжува за Св. Недела односно Марков Град. Од оваа локација, на која слободно може да се сплотите со природната енергија се фрла поглед на дел од Скопје и населбите кои се пред Матка.

„Патеката на јоргованите“ тргнува од Св. Недела, и се спушта стрмно до Св. Андреа, на езерото Матка. Таа е оштра, полна е со предизвици и јорговани, а ако веќе решите да одите по неа бидете секогаш претпазливи.

А доле, одмор и секој своја шема!

05 Јули 2013

За авторот