ИЉАЧ ОД МЕНЕ ЗА МЕНЕ - ЛЕКУВАЊЕ СО АВТОЛОГНО КОНДИЦИОНИРАН СЕРУМ

Магичниот серум

Употребата на сопствената крв т.е. на сопствениот серум зазема се попопуларно место во лекувањето на низа болести, повреди и состојби во последнава декада. Не е веќе тајна брзата и квалитетна пострауматска рехабилитација на Јаница и Ивица Костелиќ, Ведран Чорлука, бројни фудбалери од Бундес лигата и познатата „процедура на Коби Брајант“.

Терапијата со сопствен кондициониран серум Ортокин започнува во 1997 година во Дизелдорф, Германија. Двајца доктори, едниот молекуларен биолог, а другиот неврохирург ја патентираат терапијата со Ортокин и почнуваат успешно да третираат огромен број на пациенти со патолошки состојби на локомоторниот систем.

Позитивните одговори кај 87% од пациентите на терапијата е сериозна провокација за коректна анализа на овој биолошки лек.

Цитокини
Главен актер во целава приказна се цитокините. Тоа се група на протеини кои се формираат во поголеми количини после повреди и одредени заболувања предизвикани од бактерии и вируси, потоа од токсични дејствија или од состојби кој прават недостаточна сатурација на кислород во ткивата. Цитокините се клучни за провокација на имунолошкиот систем. Тие се ослободуваат локално на местото на оштетеното ткиво, но некои од нив се ослободуваат во крвта и делуваат како информатори кои праќаат сигнали до други органи и системи .

Има повеќе типови на цитокини, некои се одговорни за провокација на воспаленијата, а некои пак истите ги кочат. Значи имаме проинфламатори и антиинфламатори цитокини.

Интерлеукин
Битен проинфламатор т.е. предизвикувач на воспалителните реакции како црвенило, оток, болка и др. се групата на интерлеукини. Во фамилијата на интерлеукини важно место зазема Интерлеукин-1 (ИЛ-1) кои има агресивни воспалителни задачи.

Инхибитор односно супстанца која го намалува дејството на Интерлеукинот-1 е Интерлеукин-1 Рецепторниот антагонист (ИЛ-1 Ра). Овој природен, автологен и протективен протеин го инхибира агресивното дејство на ИЛ-1 и има антиинфламаторен ефект со што ја намалува болката и ја заштитува рскавицата.

Во успешноста на оваа терапија лежи начинот како да се испровоцира лачење на поголеми количини на ИЛ-1 Ра со што ќе се блокираат понатамошните воспалителни процеси т.е. ќе се намалат клиничките знаци на патолошката состојба и да се доведе на провокативно ниво имунолошкиот систем.

Ортокин (Orthokine)
Биолошкиот третман со сопствен кондициониран серум Ортокин (во Америка познат како Регенокин) е безбедна, ефективна и далеку помалку инвазивна процедура во споредба со другите терапии на остеоартритис и останатите патолошки состојби на зглобовите.

Се вадат 40cm3 венска крв во специјални епрувети (моновети) во кои има стаклени куглици на чија површина има микроскопски нерамнини со задача да ги залепат крвните клетки. Потоа моноветите со крвта се инкубираат на 37ͦ°C за време од  6-9 часа. Во ваквите ново настанати услови на благо зголемена температура почнуваат максимално да се произведуваат воспалителните протеини – цитокини.

По центрифугирање на крвта се одвојуваат крвните елементи и останува серумот збогатен со заштитните протеини. Спектарот на заштитните протеини (меѓу кои ИЛ-1Ра) е за 100 пати поголем од тој во крвта. Тоа е и основната цел на оваа процедура.

Вака добиениот кондициониран серум е спремен за терапија. Од 40те cm3 на крв се добиваат 5-6 спремни дози кои се аплицираат 1-2 пати неделно. Целата терапија е во голема шанса да го прекине лошиот пат на развој на восплителните процеси.

Автологниот кондициониран серум се пласира директно на местото на патолошката промена т.е. повредата.

Индикации
Мрежата за користење на Ортокинот е во силен подем. Масовно прифатена од стручниот аудиториум и од задоволните клиенти тој се употребува најмногу кај свежи повреди на рскавици, тетиви, лигаменти, мускулни руптури потоа кај остеодегенеративни промени како коксартрози, гонартрози , лумбоишиалгии, тениски лакт, дископатии, автоимуни состојби и многу други заболувања.

Се повеќе се споменуваат специјални лабаратории-банки на спремни серуми за “не дај боже” состојби.

Контраиндикации
Практично контраиндикации и да нема бидејќи се работи за оригинален, непроменет автологен производ т.е. лек од сопствениот организам па затоа Ортокинот во ниеден случај не е и не може да биде на допинг листата.

Сепак, постојат ситуации кои може да го спречат пласирањето на Ортокинот, а за тоа одлучува лиценцираниот доктор.

Најголем интерес секако покажува професионалната спортска фела каде е важна брзата рехабилитација без разлика на цената на третманот. 

Се надеваме дека што поскоро биолошкиот третман со сопствен висококондициран серум ќе биде масовно користен во ефикасно лекување на многу заболувања и состојби.