Чистење снег и цепење дрва за зимска кондиција

Сериозно и шала на страна, манипулирањето со секира или ринењето снег со лопата може да ви согори одлична бројка на калории која ќе варира зависно од кубикажата на материјалот што ќе помине низ ваши раце. И запаметете, на крајот на краиштата, колку и да сработите сите ќе ви бидат благодарни, и по дома, и комшиите од влез, а и вашето тело затоа што сте му одвртиле некој издувен вентил.

Сега, кој како има можност за овој вид на зимска дисциплина. Некој се грее на централно парно или струја, па нема да има можност да се посвети на секирата и трупчињата, ама и пред зградата има снег кој може да се зачисти. Потребна е само желба.

Цепење дрва

Ова претставува првата опција која доколку се греете на дрва, нема да ви избега (бидејќи снегот знае да забушава). Сечењето на дрва со секира претставува класична кардио и „core“ – вежба за мускулите на трупот, која зависно од интензитетот може да согори и до 500 калории на час. Ова може да се дополни доколку дрвата ги пренесувате и редите сами па така би добиле и уште поголема бројка.

При изведување на оваа активност, главно се активираат мускулите на рацете и целото торзо со што се добива одлично зацврстување особено на абдоменот и грбот.


Чистење снег

Е ако веќе се има натрупано доволна количина на снег, повод нема да биде потребен за вашиот двор, паркинг место, кола или патче да биде чисто. И ова исто така може да ви претставува некаква нетипична вежба со која што можете да согорите исто толку калории како и со дрвата, а воедно да делувате на мускулниот развиток бидејќи активирате различни регии од телото.

При изведување и на двете активности внимавајте пред почетокот да бидете малку истегнати и размрдани бидејќи доколку сте улежани лесно може да се повредите.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија