Наслов

Листови ли се - листови аргатски маки големи

Иако важат за најтврдоглави мускули на телото кои што тешко ќе можете да ги „напумпате", сепак не се откажувајте во намерата да направите убаво издефинирани и пропорционални листови.

Многу луѓе мака мачат на оваа тема, а другите мува не ги лази, затоа што и да не прават ништо листовите им се повеќе од одлични, па затоа треба да направиме пресек и да разјасниме неколку работи и да разбереме во што е разликата.

Прво и основно, не ги заборавајте листовите во вашиот тренинг, иако често им правите игнор, променете ја тактиката и пристапот во тренингот за да направите пропорционални листови што ќе изгледаат прикладно и ќе ја вршат својата функција уште подобро.

Погрешно е да се надевате дека дури и "најдобрите" вежби за горниот дел од нозете како чучњеви и мртви дигања ќе ви бидат доволни за комплетно обликувани листови. Вежбате нозе но листовите ги поздравувате еднаш месечно или воопшто не ги рецкате.

Базичниот фактор кој што многу влијае е генетиката, типот или составот на мускулните влакна (Тип 2 / имаат поголема способност да хипертрофираат -растат). Голема улога има и дали во текот на развојот и пубертетот активно сте се занимавале со некаква активност, спорт, балет, играорна, планинарење итн. Истотака обликот и развиеноста на листовите зависи од техниката на одење и трчање и распонот на движење во скочниот зглоб.

Анатомија на листот

Листот народски кажано е всушност група на мускули која го оформува задниот дел од подколеницата во состав - Гастрокнемиус и мускул Солеус кој преку Ахиловата тетива се припојуваат на петата. 

Слабите листови придонесуваат во лошиот перформанс во трчањето, скокањето, и зголемениот ризик на повреда во коленото во различни спортови активности. Не само нивниот изглед (облик-тонус) туку и нивната функционалност и еластичност се клучни во однос на движењата каде што тие учествуваат. 

Грешката најчесто се наоѓа и во нееднаквиот третман во вежбањето на Солеусот и Гастрокнемиусот. Гастрокнемиус е мускул со две глави (медиална и латерална) и во исправен положба на телото нивната активација е примарна (при екстензирано колено - и плантарна флексија во глуждот), додека солеусот се наоѓа подлабоко под гастрокнемиусот и генерално се активира кога имаме плантарна флексија при положба на флексирано колено. 

Фрекфенцијата на вежбање од 2- 4 пати во неделата на оваа мускулна група е предуслов за резултат. Движењата треба да се во полн распон и аголот на стапалата да се менува при изведбата (од остар кон широк) за максимален ефект. 

Ако листовите ви се послаба партија вежбите за нив префрлете ги на почеток на тренингот. Не се ограничувајте на малку повторувања, пробајте од 20-25 на серија, не претерувајте со тежината и не се откажувајте. 

05 Октомври 2015

За авторот