Крлежот не „паѓа“ на парфеми

Сите планинари, обожаватели на природа и отворено небо, шаторџии и аутдорци, маунтинбајкери итн. научете како да се справите со крлежот. Тој не „паѓа” на парфеми, а и вие не паѓајте во дилеми.

Единствен и сигурен начин како да го тргнете закачениот крлеж од вашата кожа е нежно и полека да го „грабнете”со прсти или пинцета што поблиску до вашата кожа и да го свртите кон лево (или обратно од движењето на стрелката на часовникот) и во исто време да го извлечете.

Не плашете се, тој нема со што да ве боцне, но непријатното чувство ви е загарантирано!

Без паника и драма, после вадењето на крлежот местото треба да го премачкате со било каков дезинфициенс, па макар и ракија, а во краен случај дури испирањето со вода ќе заврши работа. Држете компреса десетина минути и во најдобар случај после тоа е очекуван мал оток и црвенило кое ќе биде присутно 1-2 дена.

Ако локалните реакции се зголемуваат тогаш ќе морате да го посетите вашиот доктор за понатамошна процедура за евентуална дијагностика на лајмската болест. Не паничете, лајмска болест успешно се лекува.

Заблудите од типот дека крлежот паѓа на какви не парфеми, масла, петролеј и бензини дефинитивно заборавете ги бидејќи веројатноста да го испровоцирате за да ја истресе содржината од своите жлезди исполнета со бактеријата borrelia burgdorferi која е причина за лајмската болест е голема. Се смета дека веројатноста за пренесувањто на оваа болест е само 1% под примарен услов да крлежот биде закачен до 24 часа на вашата кожа.

Крлежите се најактивни во пролет и живеат на сите влажни и зелени подлоги до висина од 1,5 метри, значи тука спаѓаат и урбаните паркови. Тие се закачуваат на кожата и неприметно по неколку часа бараат погодно, добро васкуларизирано место за својата мисија (препонски делови, меѓуножје, под мишки, дојки). Домаќинот во случајов ние – луѓето, нема да го почувствуваме каснувањето бидејќи во неговите плунковни жлезди има природен анестетик.

Најдобра превентива е прикладна долга облека и се разбира проверка т.е. контрола на вашето тело после било каков престој во природа.

Носење на кутија за прва помош со евентуални додатоци како anti gif set или специјални направи за вадење на крлежи се препораки од паталци, а не гаталци.