Наслов

Како до брз опоравок по летниот тренинг?

Летните амбиентални услови за тренинг се далеку од идеални но тоа не значи дека тренингот не е возможен или треба да запре. Сè што треба да направиме е да се прилагодиме на условите и побргу да се опоравиме по тренингот.

Многу рекреативци очекуваат да ја подигнат својата форма за време на летните месеци и токму тогаш почнуваат со тренинг. Реалноста е дека условите за тренинг за време на летните горештини не се ни приближно добри за квалитетен тренинг и пост-тренажен опоравок.

За да не се доведете во ситуација да стартувате екстра мотиварано и набргу потоа да "изгорите" во желбата за активен и здрав животен стил, би требало да знаете и да се придржувате до некои основни правила кои ќе ви помогнат полесно да ги пребродите најтоплите денови.

Време на тренинг

Тренинг во лето подразбира дека истиот или ќе го направите рано во зори или откако сонцето ќе зајде и температурите ќе опаднат. Ова е основното правило до кое едноставно мора да се придружувате доколку сакате да тренирате на отворено. Исто така, секогаш определете се за место кое е во сенка или кое е подалеку од градскиот асфалт.

Хидрација

Уште еден исклучително важен дел од летната тренинг шема. Без квалитетно хидрирање не само што ќе се измачите за време на тренингот туку и значително ќе го забавите времето потребно за опоравување од него. Почнете го денот со чаша вода и секогаш имајте сад со вода близу до вас. Пред, за време и по тренингот. Ако губите сериозни количини на вода можете да внесете и пијалоци богати со елетролити.

Исхрана

Правилата за исхрана во суштина се исти низ целата година, во лето тие само добиваат на уште поголема важност. Количината на минерали и течности кои ги губите за време на тренингот се нешто што мора да го надоместите по тренингот. Исто така пост-тренажниот процес мора да вклучува квалитетен извор на протеин и јаглехидрати. Трпезата во лето изобилува со најразлични видови на овошја и зеленчуци што претставуваат неисцрпен извор на витамини и минерали кои за вашето тело претставуваат супер храна неопходна за правилна и брза регенерација.

Ладен туш

Користењето на ладен туш е еден од најефикасните методи за брза регенерација по тренингот и брзо враќање на телесната температура во нормала. Ладната вода му помага на телото да се справи со сите воспалителни процеси како последица на тренингот и ви ја враќа свежината.

31 Јули 2019

За авторот