Наслов

Истегнати препони

Една од најчестите неконтактни мускулни повреди е истегнување или затегање на препоните (дистензија на адукторната мускулатура).

Препоните се регии каде нозете се составуваат со трупот и се средиште на голем број на движења. Оваа мускулна група е одговорна за страничните движења, приближување на едната нога кон другата, но има и низа други улоги во комплексот на одењето, трчањето, стоењето, качувањето и за стабилноста на карличниот појас, а со тоа и на трупот.

Во оваа група на мускули припаѓаат мускулус адуктор магнус, лонгус, бревис, грацилис и пектинеус (muskulus adduktor magnus, longus, brevis, muskulus gracilis, m.pectineus).

Секоја претерана мускулна активност, недоволно загревање на мускулните регии пред оптеретување, подигање на товар или судар со тврд предмет како и подлизнување се најчестите етиолошки фактори.

Преоптеретувањето на оваа група на мускули доведува до напнатост и надуеност, а со тоа и скратување по должина. Последователно се зголемува и притисокот на припојните места, но и на телото на мускулите кое се чувствува како болна напнатост. Ако интензитетот на оваа состојба е висок има можност за делумна или целосна руптура на мускулот или мускулите.

Акутната дистензија или истегање може да се степенува во зависност од појавата на симптомите поврзани со болката, отокот и црвенилото или модринката како и со отежнатост на мускулните активности. Отежнато одење, болка при стоење и седење како и ноќните болки во регијата се доволно сериозни за потреба од докторска консултација.

Препонските истегнувања од помал степен успешно се решаваат со прекин на активности, ладење на регијата во првите 48 часа, а по потреба и користење на нестероиден антиреуматик, се разбира со докторска коресподенција. Активноста на регијата треба да се врати со постепени оптеретувања и истегнувања, но без појава на болка.

Посериозните истегнувања бараат стручна поддршка, соодветен временски тајминг, користење на физикални третмани и масажи, а во потешки случаи и оперативни зафати.

Оваа повреда многу често знае да стане хронична и да биде ноќна мора за многу спортисти и рекреативци. Тогаш сè почесто се препорачува употреба на специјални кинезио траки (KINESIO TAPING). Овие специјални траки се коректна искуствена алатка која се користи како во превенцијата на препонските повреди така и во лекувањето. Тие го нормализираат мускулниот тонус, ја подобруваат мускулната еластичност, го намалуваат отокот, а со тоа и болката. Важно е траката да биде соодветно залепена со предходна дијагностичка констатација.

Оптимално дозиран тренинг обврзува вежби за зајакнување и стречинг на адукторната мускулатура како најважен превентивен модел.

29 Септември 2015

За авторот