единствениот нејапонски шихан за Даито рју Аикибудо

Интервју со сенсеи Черта

Ова интервју со мојот учител за Даито рју Аикибудо, сенсеи Черта, го направив во еден среќен мајски ден, во 2013 година.

 

Довезенски: Сенсеи, Вие сте еден од ретките нејапонци кои имале прилика да вежбаат со последниот соке на Даито рју, Токимуне Такеда. Како успеавте да влезете во неговото доџо?

Черта: Летото во 1991 година, еден мој пријател кој беше важна личност во бизнис светот во Јапонија, напиша писмо до Даитокан во Абашири и успеа да ги убеди да ја разгледат мојата биографија со над 30 години стаж во јапонските боречки вештини. Веројатно неговата општествена положба била доволно голема за да ме примат да учествувам на еден од курсевите за инструктори и да бидам гостин во доџото.

Довезенски: Како се одвиваа тренинзите во тоа време? Дали начинот на подучување е сменет денес или се уште се држите до правилата на Даитокан?

Черта: Тренинзите беа тешки и напорни. Особено беше тешко да се вежба на татами-те во Даитокан! Знаете дека автентичните јапонски татами се прават од пресирана оризова слама. Зимно време влагата во татамите ги стврднува со што ги прави тврди како камен. Преку лето од многуте падови се крева прашина која се создава од самата оризова слама.
Инаку, тренинзите за „јавност” беа отворени само навечер, додека на пладне, во работното време, вежбаа само јуданшите.

Јас почнував рано наутро, ме подучуваше еден од постарите ученици кој беше многу среќен што имаше прилика да подучува странец, а потоа тренингот продолжуваше со шиханот Шигемитсу Като. На пладне, тренинзите ги водеше шиханот Гунпачи Арисава, кој работеше во познатиот локален „Музеј на затворите во Абашири”.

Кога немаше учители во доџо-то, вежбав со господинот Кобајаши, кој живееше во самото доџо и ја извршуваше функцијата на секретар. Потоа повторно доаѓаа шиханите Като или Арисава и нè подучуваа двајцата. Понекогаш, најчесто за викенд, се качував на воз и одев во градот Китами, каде се наоѓаше доџото на шиханот Матсуо Сано. Инаку, тој ги „држеше” петочните тренинзи во Даитокан. Од него ги научив техниките наречени Аики но Џутсу, тие му беа омилени, како и Касадори (техники со традиционален јапонски чадор) кои секогаш ги покажуваше за време на тренинзите. Од шиханот Арисава научив многу техники од Џу Џутсу и Оно ха Итто рју Кенџутсу. Инаку, тој беше еден од омилените ученици и уке на соке Такеда.
Што се однесува до начинот на подучување, во многу детаљи се уште се држам до начинот на Даитокан. Важно е постојано да се одржува „духот на почетник” и постојано да се повторува она што е веќе научено. Секако, општата визија за вештината нема никогаш да ја сменам. Таа е иста како од времето кога вежбав во Даитокан.

Даито рју е комплетна и фасцинантна боречка вештина, длабоко поврзана со историјата на самата Јапонија преку клановите Аизу, Такеда и Минамото. Оваа боречка вештина останала непроменета со векови.
Даито-рју има огромен спектар на техники, но има и многу методи и начини на вежбање како што се Ојо Ваза, Хенка Ваза, Рензоку Ваза, Каеши Ваза и Киме Ваза. Сите тие се важни колку и самите техники. Друга особеност на оваа боречка вештина е што во курикулумот се додадени основните принципи на традиционалното јапонско Будо: Киаи, Ензан но Метсуке, Мааи, Камае, Заншин, Хара и Семе. Денес, само мал број боречки вештини ги предаваат или обрнуваат внимание на овие древни методи. За мене, тие се важни колку и физичкиот тренинг на разните техники.

Довезенски: По смртта на сенсеи Токимуне, продолживте да вежбате со шиханот Шигемитсу Като. Зошто го избравте баш него за учител?

Черта: Едноставно сенсеи Като ме избра мене. Еве ќе објаснам. По смртта на сенсеи Токимуне, јас продолжив да одам во Даитокан каде редовно учев од сенсеи Като и од сенсеи Арисава. На почетокот и двајцата ме подучуваа на различни делови од каталогот на Даито рју, а потоа, сенсеи Като почна повеќе да работи со мене. Можеби затоа што му бев драг или, пак, затоа што ја гледаше мојата голема желба да ја учам вештината. Така, на крајот сепак тој ме избра мене за негов личен ученик.

Довезенски: До пред десетина години, од страна на Даитокан бевте задолжени за развојот и ширењето на Даито рју низ „западните земји”. Во 2006 година ја формиравте организацијата European Daito Kai. Како дојде до формирање на оваа организација?

Черта: Еден ден, додека бевме во домот на сенсеи Като, тој ми рече: „Антонино, јас сум стар, а ситуацијата во Даитокан не е баш најдобра. Секретарот не ме почитува и се обидува да ја преземе и дидактичката улога. За сите овие години те научив многу повеќе од што сум ги научил моите јапонски ученици. Сега, кога веќе си шихан, отвори си твоја асоцијација, тука веќе немаш што да научиш”. Потоа ми ги даде неговите белешки и копии од деншо-то (Хиден Оги, Гошин’јо Те и други) со напомена дека завршил со неговото подучување. Вечеравме заедно и веќе следниот ден заминав за Италија. Веднаш чим пристигнав, ја формирав мојата Асоцијација.

Довезенски: Ако не се лажам, Вие сте единствениот нејапонец кој е носител на титулата шихан (мајстор-учител) за Даито рју Аикиџуџутсу. Стекнувам впечаток дека воопшто не сакате да ја комерцијализирате вештината. Дали сметате дека со брзото ширење на Вашата организација може да се намали квалитетот?

Черта: Јас сум традиционален сенсеи. Мислам дека боречките вештини треба да се учат директно од учител. Тој треба да биде пред се чесен, да има желба да го пренесе своето знаење, треба да се грижи за напредокот на неговите ученици, а не за неговата слава. Сите овие работи се спротивни на логиката на комерцијализација на “еден производ”! Јас се обидувам да предавам, барајќи квалитет кај моите ученици.

Довезенски: Ве познавам веќе четири години и многу често контактирам со Вас. Досега никогаш не сум слушнал да искажете лош збор за некој инструктор од некоја друга Даито рју организација, туку напротив, често упатувате и пофалби за добрата техника на некои учители. Дали тоа е Вашиот одговор на политиката која се подлабоко навлегува во светот на боречките вештини?

Черта: Моето мото е: „Живеј и остави ги другите да живеат”. Има простор за сите. Секој се обидува да го направи најдоброто за себе, како во боречките вештини, така и во животот. Точно е дека некои се обидуваат да го најдат пократкиот пат за да стасаат први до целта. Други, пак, се обидуваат да ги злоупотребат останатите со цел да бидат „единствените” кои ја поседуваат апсолутната вистина. На крајот, времето, а пред се, квалитетот на учениците, ќе покаже кој се обидува чесно и искрено да подучува. Како што реков, добриот сенсеи се труди учениците да го надминат, како технички, така и морално. Единствено така школото (рју) ќе напредува.

Довезенски: Сум имал можност да вежбам со многу учители за класични јапонски боречки вештини, но најмногу што ме импресионира кај Вас, е што секогаш ми давате подршка кога ќе Ви соопштам дека ќе почнам да изучувам и да вежбам некоја друга рју-ха (традиционална боречка школа). Се сеќавам кога ми дадовте дозвола да отворам доџо во мојата земја, ми предложивте тоа да се вика Корју Доџо, бидејќи е „место каде што се вежбаат повеќе традиционални јапонски вештини”. Дали сметате дека вежбањето и запознавањето со други системи го зголемува капацитетот на Будока-та?

Черта: Можеби затоа што и јас сум вежбал разни боречки вештини (но исклучиво јапонски). Тоа ме научи да имам „борбена визија од 360 степени”. Јас секогаш во центарот на вниманието сум имал само една вештина, но сум се обидувал, вежбајќи други боречки вештини, да го комплетирам мојот тренинг со аспектите кои недостасувале. Мислам дека еден добар Будока не треба да има предрасуди и да се фокусира само на една рју-ха. Ти знаеш дека „феноменот” на борбата е многу широк и разнолик. Имаме вооружени или невооружени судири. Сето акумулирано знаење ќе помогне во ширењето на хоризонтите и искуствата. Целосноста на овие искуства ќе те направат целосен Будока.

Довезенски: За крај, би Ве запрашал за Вашите очекување околу иднината на Даито рју Аикиџуџутсу. Во кој правец мислите дека ќе се движи оваа прекраснаи благородна самурајска школа?

Черта: За жал, нашата прекрасна боречка вештина е расцепкана на илјада парчиња. Секое парче е одделено едно од друго. Сите инструктори се затворени сами во себе во потрага по своите цели. Мислам дека овој тренд ќе продолжи и во блиска иднина. Сето тоа се должи на фактот што немаме нов Соке на школата. Внукот на Токимуне Такеда, Ошима Такеда Хитоши, е вистинскиот наследник, но тој не е заинтересиран за Даито рју, што е вистинска штета.

Довезенски: Сенсеи Черта, Ви благодарам за укажаната чест да го направиме ова интервју. Ви посакувам многу здравје и долг живот.

Черта: Ви благодарам и на Вас.

Игор Довезенски , Буџинкан Кобудо – шидоши, Даито рју Аикибудо – шидоин http://www.koryu.mk