Интервју

Горан Рајчиноски – тренер по пливање во Австралија

Горан Рајчиновски е магистер по кинезиологија при Факултетот за физичка култура во Скопје кој од 2009 година живее и работи во Сиднеј, Австралија. Како трудољубив, успешен и скромен човек решивме да го исконтактираме и да дознаеме нешто повеќе околу пливањето во Австралија и како е да работиш како тренер во овој спорт. 

Како дојде до тоа да работиш во Австралија и како си задоволен од досегашниот ангажман и работа?

Горан-Веднаш по пристигнувањето во Сиднеј започнав да работам како инструктор по пливање. Мојата цел беше да напредувам како тренер по пливање, но за тоа ми беа потребни одредени сертификати. Со текот на времето ги завршував и воедно напредував во работата.Секако, дека сум задоволен од досегашниот ангажман, бидеќи во Австралија ги има сите потребни услови како за лично така и за клупско унапредување и усовршување во пливањето.

Ако се земе во предвид дека во секоја општина има најмалку по еден затворен и по неколку отворени базени, системот на натреварување, стандардот на државата и популарноста на овој спорт, мотивацијата за докажување е се поголема. Ангажиран сум со работни обврски во тек на целиот ден и вклучен сум во одделите за почетници и возрасни пливачи.

Што точно е твојата улога и кажи ни нешто подетално за твоето работно место и како го поминуваш работниот ден?

Горан-Работам како главен тренер по пливање во пливачкиот клуб “COSAC” ( City of Sydney Aquatic Club) при спортскиот центар “Ian Thorpe Aquatic Centre” во Сиднеј.
Исто така, дел од обврската е менаџирањето и трансформацијата од почетници- непливачи, кон пливачи- натпреварувачи. Во овој центар работиме тројца тренери и сите имаме свои групи. Јас водам четири групи од кои три се деца наптреварувачи на возраст од 6 до 16 годишна возраст, додека четвртата група се возрасни пливачи.

Менаџирањето на младите категори, за нивниот развој, унапредување и воведување во тренажниот процесот, се дел од моето секојдневие. Подготовка, припремање и спроведување на програмите за сите категории, согласно со програмата за натпревари на клубот, се дел од обврските во тренрската работа. Работниот ден започнува во 5:30 наутро до 20 часот навечер.

Првиот тренинг ми започнува во 5:30 часот наутро во теретана ( која е во склоп на спортскиот центар) до 6 часот, веднаш потоа во базен до 7:30. Тоа е најдобрата група во клубот која се натпреваруваат на национално ниво и на ниво на Нов Јужен Велс, државата во која се наоѓа Сиднеј. После тоа сум вклучен во програмата со почетници, која започнува од 9 часот наутро до 13 часот, каде што го следам развојот на младите пливачи. Тука е опфатена програмата (научи да пливаш) и (безбедност на вода) каде се поделени во неколку категори според возраста и според можностите на децата.

Во 15:30 часот после ручекот започнувам со најмлата група на пливачи-натпреварувачи, овој час трае 45 до 60 минути, каде претежно се работи усовршување и корекција на техниката и припрама за натпревари. Оваа група зема учество на школски натпревари по пливање и на ниво на градот Сиднеј. Возраста се движи од 6 до 9 години. Веднаш после оваа група започнувам тренинг со втората група по квалитет, која се натпреварува на ниво на Нов Јужен Велс. Времетраењето на овој клас е до 90 минути. Возраста на овие пливачи се движи од 6 до 12 години. Денот го завршувам во 20 часот со групата на возрасните, кои имаат различни цели, од типот на триатлон, натпреварување за возрасни, фитнес и рекреативно пливање.

После ваквиот работен ден исполнет до максимум дали имаш некој дополнителни ангажмани и проекти во текот на годината во однос на спортските активности и работата?

Горан-Што се однесува за моите дополнителни ангажмни, во текот на годината вршам обука и оценување на нови тренери кои се стекнуваат со лиценци до Bronze level (лица кои можат да работаат како тренери на државно ниво). Според програмата на клубот, на крајот на секој месец се организират официјални клубски натпреви во кој што земам активно учество со моите групи. Секоја година во месец Март, актинвно сум вклучен во организација на хуманитарниот проект ” SWIMATHON” кој е наменет за деца со посебни потреби.

Во Jуни месец во Македонија ќе ја започнам консултантска соработка со пливачкиот клуб Карпош од Скопје, еден вид поврзување на нашите клубови и стручна соработка.
Покрај пливањето земам учество на бројни семинари од областа на фитнесот и правилната исхрана. Па во Јуни и Јули месец ќе имаме неколку заеднички проекти од областа на фитнесот и аеробикот со колгата Професор Лазар Иванов и со неговиот “Мих-Аеробик” клубот од Скопје.

Какви лиценци и доусовршувања ти беа потребни за да почнеш да работиш, или онаа квалификација што ја имаш стекнато во Македонија ти беше доволна за да почнеш да работиш?

Горан-Имам завршено за професор по физичка култура и магистер по кинезиологија при факултетот за физичка култура во Скопје, но за жал тоа не ми помогна во процесто на добивање на лиценците, па морав да земав учество на семинари, симпозиуми и курсеви за да ги добијам потребните сертификати. Започнав од првата, каде можеш да работиш како инструкор по пливање и до сега сум стигнал до лиценца каде работам како тренер на државно ниво.

Ќе ги напоменам редолседно:

Learn to swim and water safety– Обука на почетници и безбедност на вода. Со оваа лиценца можеш да работиш како инструктор по пливање.
Competitive stroke– Натпреваруваки стил на пливање, со оваа лиценца можеш да работиш како асистент тренер во клуб.
Bronze license– работа со натпреварувачи кои имаат државни норми. За да ја добиете оваа лиценца, критериум е да работите со пливачи на државно ниво.
Во процедура сум и за следната лиценца (Silver) која трае повќе од 4 години, со која што би можел да работам како национален тренер (селектор) во една младинските и сениорските категории. Но за тоа потребно да се “произведе” национален пливач, кој ќе ја претставува државата на врвни натпреварувања.
National Swimming Assessor – Вршам обука и оценување за нови инструктори и тренери по пливање на ниво на цела Австралија до Bronze license.
Sport Management – за менџирањето во еден спортски центар оваа диплома е неопходна.
Certificate III in Personal Тrainer- Фитнес тренер.

Каде претходно имаш работено во Македонија  и во кои проекти си учествувал за твоето доусовршување?

Горан-Моето работно искуство го започнав во школата на проф. Д-р Живко Грујоски, после тоа работев 5 години во пливачкиот клуб Делфин од Скопје, како инструктор и тренер по пливање, каде имав значајни резултати во младинските категории се до 2009 кога заминав за Австралија.

Учестував во повеќе проекти поврзани со обука на пливачи и со натпреварувчко пливање. Како позначајни беа проектот на Професор Мирче Савоски и Професор Живко Гројоски ,,Научи да пливаш“ за деца без родители од домот ,,11 Октомври“ од Скопје.
Со пливачкиот клуб Делфин од Скопје, учествував во организацијата на двата најголеми и најмасовни интернационални пливачки натпреварувања кои сеуште се одржуваат во Македонија, еден од нив е ,,Немо“ купот а другиот е ,,Делфин“ куп.

Десет години работев како инструктор по пливање во детското одморалиште Славајче во Охрид за време на летната сезона. Паралелно со пливањето, работев како аеробик и фитнес инструктор. Имав мој аеробик клуб и оджував часови по аеробик на неколку локации низ Скопје. Исто така, бев дел тимот на двата аеробик клубови ” Спортски центар јуниор” и “Мих Аеробик” двата од Скопје.

Какви се условите на работното место и какви успеси има твојата школа, во каков систем на натпревари се натпреварувате како клуб?

Горан-Базенот каде што работам ги има сите потребни услови и стандарди за работа. На располагање ги имаме сите услови кои ги нуди овој центар, вклучуваќи 50 метарски базен, теретана, фитнес сала, сауна, парна бања, спа центар и ред други услови кои се потребни за работа во пливањето. Изграден само пред 7 години и го носи името на еден од најдобрите пливачи во Австралија- Jан Торп.

Минатата година имавме двајца наши пливачи кои настапауваа на летните олимписки игри во Лондон. Во моментов имаме 10 до 12 пливачи кои што се натпреваруваат на национално ниво. На последното државно првенство на Нов Јужен Велс од 220 клубови, нашиот клуб се пласира на 6 то место.

За 2013 година ја добив наградата од Swimming Australia Junior Excellence Achievement Award from Swimming Australia- Оваа престижна награда се доделува на тренери на клубови кои се рангирани меѓу првите 30% на национално ниво во остварувањето, прогресот и развојот на младите категории на ниво на Австралија.

После успесите на Јан Торп сигурно пливањето е популарно но сепак како котира како спорт во Aвстралија во однос на другите спортови, има ли доволна заинтересираност и коклу младите го сваќаат пливањето како идна професионална орентација?

Во нашиот центар има над 2000 деца кои се запишани да поседуваат часови за пливање. А во клубот, значи како натпреварувачи, бројот е над 300 пливачи во сите категории кои земаат учество на натпревари.

Желбата да се стане врвен пливач е присутна кај сите, бидејќи во истиот базен двапати неделно тренираат и елитата на најдоби пливачи од Австралија. При еден нивни тренинг базенот е преполн како со деца така и со медиумите, со што му се дава поголема важност и популаризација на пливањето, така што секое дете расте во сонот да стене како нив.

Од другата страна, ако се земе во предвит посветеноста дека тренират по 10 до 12 тренинзи во вода и 3-4 тренинзи во теретана, очекувањеата се реални еден да се надеваат да бидат на врв на светското пливање. Што се однесува на ниво на Австралија, пливањето е еден од најмасовните и најдобро организирани спортови. Тоа најдобро би го објаснил со поимот професионализам. Во образовниот систем, пливањето е вклучено како задолжителена активност уште од најрана возраст. Само да напоменам дека првите чекори во пливање децата во Австарлија ги започнуваат на 4 месечна возраст во така наречени baby classes, па така од година на година ги преминуваат сите потребни сознанија за пливањето и безбедноста на вода.

 

 

 

 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија