ПРИРОДЕН МЕДАЛ ДОДЕЛЕН КАКО НАГРАДА ЗА ВАШАТА НАПОРНА РАБОТА ВО ВЕЖБАЛНАТА

Само сериозни вежбачишта кинат хулахопки!

Дечки, често ги кинете хулахопките на вашите девојки? Теретаната Ви е втор дом, шипките Ви се љубов вечна, вратилото за тресење теписи пред зграда Ви е прв другар, а можеби сте тенисер, алпинист, болдерџија, гимнастичар…

Се препознавте, нели, на дланките од внатрешната страна имате задебелување на кожата (калус), продукт на вашата упорност, вежбачка страст и секако употреба на дланките во процесот до максимум. Доколку имате проблеми од ваков тип не го игнорирајте, прочитајте повеќе за можноста како да ја превенирате и третирате оваа состојба.

Хиперкератоза и ограничена хиперкератоза или калус е задебелување на површинскиот слој на кожата која е изложена на притисок и триење на подолг временски период.

Хиперкератозата е физиолошки процес на адаптација на кожата во абнормални услови. Тоа е одбранбен механизам за заштита на подлабоките и осетливи ткивни слоеви. Се создава поголема количина на кератин во епидермисот и се наталожуваат во повеќе слоеви. Се формира дебел кожен оклоп, тврд, сув, жолтеникав, естетски неубав и подложен на пукање.

Пукањето на задебелената кожа е болна и сама по себе можна компликација за инфекција. Во основа калусите можат да се формираат на било кој дел од телото кој е оптеретен со последователни сесии на притисок. Најчести предилекциони места се стопалата, и дланките особено при напорна физичка активност како долги пешачења, маратони и маршеви, планинарење, качување на карпи потоа активности во фитнес сали и многу спортови, како тенис, бокс, карате, и др.

Приказната за елиминација на етиолошкиот фактор, односно прекин на спортските активности не поминува кај упорните освен ако е посреди компликација.

Основна превентивна мерка е добра обука за секојдневна нега на иритираните места. Битно е да не ви излезат од контрола сите места подложни на стварање на калуси.
Препорачано после секое туширање, една минута да се третираат овие места со механички пилинг со абразивни алатки како турпии и специјални камени помагала.

После ваков третман се препорачуваат хидрациски пасти и креми кои дополнително ќе ја омекнат кожата. Ваков третман е сосема доволен во најголем број на случај.
Во некој случај после размекнувањето на кожата се препорачуваат и кератолитички сретства како препарати за надворешна употреба (20% уреа, 2% салицилна киселина, млечна киселина, пантенол, и други).

Сите овие ја зголемуваат хидратацијата на епидермисот, олеснуваат остранување на мртвите слоеви на епидермисот, ја зголемуваат еластичноста и ја ублажуваат иритацијата.

Секое дермато-козметичко сретство кои има некои од наведените состојки во секој случај ќе биде ефикасно ако има редовни третмани.
Традиционалните мелеми за локална употреба држат одлична тезга бидејќи нивната ефикасност е докажана. (кремови и масла од невен, масти од масларче, свинска маст, пилинг со сода и др)

Купатилската хирургија (Bathroom surgery) за остранување на хиперкератозните места и калуси со сечива сама по себе има стартен ризик.

Употребата на соодветни чевли и спортски обувки со соодветни влошки е одлична превентивна мерка, а употребата на ракавици и модели на заштитни траки се уште е контроверзна и има различни ставови за нивната ефикасноста…!!!