Јасминка, дамата што дава ритам на Хајдук

Кога ја контактиравме Јасминка Блажевиќ за да го направиме ова кратко интервју, беше изненадена што нејзината работа привлекла толкаво внимание, и дополни дека ова интервју ќе и биде прво надвор од Хрватска. 

Бидејќи тимот на k4t.mk ја има таа чест, што воедно е и наша задача, да ги промовира луѓето кои живеат со спортот, не е на одмет да размениме искуство повеќе и да чуеме како еден голем клуб како што е Хајдук се грижи за своето идно фудбалско поколение.

Јаминка е тренер по фудбалски аеробик во Младинските школи на фудбалскиот клуб Хајдук, Сплит и една од малкуте жени кои работат во фудбалот, токму како тренери.

К4Т – Јасминка, ти моментално работиш како тренер во младинската школа на ФК Хајдук Сплит. Каде работеше претходно и како го стекна своето знаење?

ЈАСМИНКА – Професорка сум на кинезиолошкиот факултет во Сплит и виш предаваш на катедрата за Фитнес, аеробик и  кинезиолошка рекреација. Паралелно работам во Аквамед (медицински велнес центар) каде водам часови по аеробик и пилатес.

Како дете се бавев со спортска гимнастика и бев државен првак, а подоцна се префрлив на балет во Народниот театар во Сплит. Како студентка на факултет два пати се натпреварував на државното првенство во фитнес и аеробик и го освоив првото место.

К4Т – Како дојде до тоа да работиш во еден од најдобрите клубови во Хрватска, и кој ти го даде предлогот да ја започнеш оваа работа?

ЈАСМИНКА – На иницијатива на тренерот Вик Лалица, одработив подготвителен период со децата на Хајдук (старите пионери) во кој започнавме да го имплементираме фудбалскиот аеробик заедно со посебен силов и стречинг програм како експериментална содржина во нивната работа.

К4Т – На почетокот како ги прифатија твоите методи, и колку деца се опфатени со овој програм, поконкретно кои генерации?

ЈАСМИНКА – Првиот пат кога дојдов во клубот имав голема трема. Најпрво портирот не ми дозволи да влезам затоа што не веруваше дека сум тренер, и дека сум дојдена во клубот да спроведам тренинг. Откако го убедив да ме пушти, ме дочекаа 30 дечиња, десетина членови на управата и тренери.

Децата не ни помислуваа што ги очекува, дури гледаа со недоверба во цд плеерот што го носев. Прво им објаснив што ги чека, што добиваат со ваквиот тренинг и како се усовршуваат себеси и својата спортска кариера, односно како овој тренинг ќе им помогне да станат подобри.

После одреден период, отприлика 3 месеци, овој програм се покажа како полн погодок, сите беа воодушевени, тренерите, родителите, децата и управата на клубот. Продолживме со работа и го имплементиравме во сите генерации од 8-15 години со 1-2 тренинга неделно. Тоа се некаде околу 150 деца од младинскиот погон.

 

К4Т – Кажи ни нешто повеќе околу фудбалскиот аеробик и што друго користиш како методика или реквизити во тренажниот процес?

ЈАСМИНКА – Имено, фудбалскиот аеробик ги содржи сите елементи на основниот аеробик, кој е идеален за развојот на координација, но како главен реквизит ни е фудбалската топка со која во ритам ги изведуваме сите фудбалски елементи. На таков начин правиме кореографија која се состои од елементарна фудбалска техника и движења (дриблинзи, скипови, водење ,шут, и др) и секој пат правиме различен распоред и различни комбинации. Ова ќе допринесе кон побрза автоматизација на специфичните движењата кај играчите, а на децата им е забавно бидејќи секој елемент го усвојуваат со нивната омилена музика.

Во друг дел од тренингот работиме вежби за сила, исклучиво со сопствена тежина и без додатни тежини затоа што се работи за деца од 8-15 годишна возраст. Се концентрираме на мускулни групи кој помалку се активни во текот на тренингот за да воспоставиме рамнотежа во растот и развојот на младите играчи и на превенцијата од повреди. Доколку во тој ден не е планиран тренинг за сила работиме полигони за координација, агилност, брзина, прецизност и баланс (рамнотежа).

Често работиме и елемантарна гимнастика и акробатика, од стој на раце, колут напред-назад, ѕвезда, мост, паѓање и станување. Тренинзите се разновидни за да им биде интересно на децата и за да можеме на поинаков начин да ги развиеме сите сегменти од нивната моторика, а со тоа да ги ставиме во што поразлични ситуации кој ќе ги очекуваат на фудбалскиот терен.

Понекогаш моите тренинзи се вклопени со нивниот редовен фудбалски тренинг, а понекогаш се самостојни, и тогаш се подолги и понапорни. На крајот од секој тренинг работиме на флексибилноста, за да превенираме повреди и го забрзаме опоравувањето.

Често користиме пилатес и јога како додатни елементи. За време на тренингот, зависно што е планирано, од реквизити користиме чуњеви, стапови за слалом, скали, степови, обрачи, пилатес топки и друго.

К4Т – Имаш ли информација дали ваков модел се применува и во другите школи и каков е фидбекот?

ЈАСМИНКА – Европските и светските фудбалски школи многу одамна го користат овој тип на аеробик како средство за дополнителна подготовка и сигурно не би опстојал ако не носи позитивни ефекти.

К4Т – Кои се твоите планови за во иднина и дали пред тебе има некој друг предизвик?

ЈАСМИНКА – Го сакам ова што го работам, сакам во соработка со тренерите за да создадеме квалитетни фудбалери, имам знаење и сакам да го споделам со младите талентирани деца.

Хајдук е навистина голем клуб со долга традиција кој и понатаму треба да се стреми да создава играчи од светска класа, а ова што ние го работиме е само финеса што ќе делува на квалитетот на секој поединец.

Планирам и понатаму да останам во клубот, многу сум задоволна. Во моментов се фокусирам и на индивидуалната работа со одредени деца на кои им е потребен постојан напредок во моторичкиот статус затоа што имаат голем потенцијал, а ние сакаме тоа да го надоградиме, или пак со деца кои се повередени и им треба дополнителна работа.

К4Т – Дали си работела некогаш со првиот тим?

ЈАСМИНКА – Никогаш не сум работела со нив, тие си имаат свој кондиционен тренер.

К4Т – И за крај не можеме, а да не те прашаме дали Ќиро Блажевиќ ти е некаков роднина?

ЈАСМИНКА  -Не, со Ќиро Блажевиќ не сме никакви роднини, но баш убаво е да се чуе мислењето од таков голем тренер за овие дополнителни методи на подготовка.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија