Функционални глуждови на долги патеки

Дисторзиите на глуждот или скочниот зглоб се затворени повреди кои настануваат при прекумерно нефизиолошко движење како на пример спортска повреда, повреда при доскок и погрешно стапнување во празно.

Независно дали се инверзиони (поради прекумерна супинација или ротација кон внатре) или еверзиони повреди (кон надвор, поради прекумерна пронација) степенот на лезиите на лигаментарниот апарат ќе зависи од силата на дејството на отпорот односно еластичноста на лигаментите. Од сите повреди дисторзиите на скочен зглоб се присутни со 30-40%, од нив најчести се инверзионите повреди односно увртување на стопалото кон внатрешната страна.

Особено е важно што 40% од сите повреди на глуждот завршуваат со хронични проблеми (болки, повремени отоци, редуцирани движења и престанок на спортско рекреативна кариера).

Истегањето на надворешниот лигаментарен комплекс при форсирана инверзија деражира три лигаменти (ligamentum talofibulare anterior, calcaneofibulare и talofibulare posterior), a при еверзија страда ligamentum deltoideum. Во зависност од степенот на оштетувањето на овие лигаменти ќе зависи нивниот третман, времето за рехабилитација и можноста за компликации. Отокот во глуждот е најдобриот знак за одредување на степенот т.е. сериозноста на повредата.

Мал оток од надворешна страна на глуждот со тенденција да се изгуби за 2-3 дена е знак за дисторзија од помал степен. Појавата на голем оток со крвен подлив (модринка) е сериозна повреда поврзана со парцијален прекин на интегритетот на лигаментите.Ове се состојби каде е неопходна лекарската помош. Болката и
нарушената функција се дополнителни промени карактеристични за сите облици на дисторзија.

Лекарскиот преглед со дијагностичките процедури (конвенционалните рентген снимки, а по потреба КТ и МР) се индицирани за исклучување на евентуални фрактури и потврдување на евентуалните комплетни руптури).

Без разлика на понатамошната состојба и степен на дисторзијата на глуждот ургентната процедура е секогаш иста и битно потребна (R.I.C.E.). Крио терапијата или апликацијата на ладни облоги во првите 2-3 дена повеќе пати дневно во траење од 5-7 минути е одлична антиедематозна и аналгетска терапија.

Неопходноста на имобилизацијата т.е. стабилизацијата на глуждот се постигнува најдобро со компресивни завој и специјални ортози за глужд.

Елевацијата се постигнува со подигање на екстремитетот на перница до 30 степени или специјални помагала за таква намена. Мирувањето е потребно а употребата на аналгетици или нестероидни антинфламаторни препарати е секогаш во корелација со доктор.

Кај поблаг степен на повреда на лигаментите на глуждот рехабилитацијата започнува после 7 дена, кај парцијалните руптури после 2-3 недели а кај комплетните
руптури после минимум еден месец. После овие временски рамки за мирување за било каков степен на дисторзија се препорачува физикален третман со постепена кинезитерапија односно терапија со постепени вежби кои вклучуваат и истегнување.

Во заврашната фаза се препорачуваат проприорецептивни тренинзи, баланс тренинзи со специјални справи за баланс или одржување на рамнотежа. На овој начин постапно се ревитализира и оптеретува глуждот и се спрема за нормални физички и стрес активности. Баланс превентивните тренинзи се релевантна алатка за подобрување на еластичноста на зглобните елемент особено после било каква повреда на глуждот.

Носењето на функционалните бандажи после повредата на глуждот и до 6 месеци е дополнителна мерка за евентуална повторна повреда.