Фудбал, трчање и кондиција во бројки

Ако ја слушнете >> ОВАА << мелодија и адреналинот веќе ви е во крвта како Вие да излагате на свежо косена трева пред преполни трибини, значи си имате пасија и живец за фудбал и со сигурност ќе бидете од оние кој ќе ја прочитаат статијава до крај. 

Ако ништо друго барем да прочитате колку ќе ви биде потребно за да истрчате покрај Меси и компанија, нормално ако ги исклучиме димензиите, тактиката и техниката. Чисто онака да се истрчате на една 90ка од Лигата на Шампионите.

Како за вовед, информацијата  дека еден елитен фудбалер во зависност од позицијата и улогата претрчува дистанца помеѓу 9-13 километри за 90 минути и не е некој податок што ќе ве остави подзинати. Ако се земе во предвид дека еден атлетичар од рангот на Хајле Гебресиласие трча 21 километар за помалку од еден час.

Но, фудбалот не е цикличен спорт, тој изобилува со промена на правец на движење, нагли реакции, промена на темпо, скокови, дуел игра, брзи стартови и сопирања. И сето тоа на пространство од околку 7-8.000 квадратни метри.

Што ќе му биде потребно на вашето тело да издржи ако сакате рамо до рамо со големите е многу комплексна работа, но што точно се случува трчајќи во тие 90 минути во бројки и проценти, отприлика иде вака:

  • Фудбалерите, приближно 70 минути од играта поминува во стоење, одење или џогинг што во скалата на интензитет е зона на рекуперација (обнова на силите).
  • Брзото трчање и спринтовите се присутни со 2-4% од целокупното време, каде што максималните спринтеви (> 7m/s) завземаат само 1-1,5% од општото време.

За време на натпреварот фудбалерите прават од 50-150 пооделни истрчувања со висока брзина (>4,5 m/s) со различна дистанца, различно времетраење и забрзување, а тие се случуваат во просек на секој 40-50 секунди, додека максималните спринтови се повторуваат од 20-60 по натпревар кој најчесто се со кратки дистанци од 10-20 метри и времетраење од 2-3 секунди. Ако се поделат на општото време тие се повторуваат на секој 1:30-4:30 минути.

 

Морх, Круструп и Бенгсбо (2003) носат заклучок во едно од нивните истражувања дека фудбалерите од елитно ниво поминуваат дистанца со високо темпо на трчање што е за 28% поголема во однос на оние кој не припаѓаат на елитната класа,  а дистанцата помината во спринт е 58% поголема во однос на оваа група.

Голем дел од времето поминато во натпреварот не е во “црвената зона” односно не е со интензитет каде телото ќе продуцира лактати и замор туку служи да се воспостави физиолошка рамнотежа и опоравок. Спринтовите и трчањето во високо темпо заедно со способноста на телото што побргу да се опорави од настанатиот замор се оние фактори што придонесуваат за позитивен ефект кога е во прашање физичкиот сегмент.

Просечниот интензитет за време на натпреварот достигнува 70-75% од максималната кислородна потрошувачка а просечната срцевата фреквенција (СФ) достигнува 85%  од максимумот, додека пак за време на натпреварот СФ варира во распон од 65-98% од индивидуалниот максимумот, што нималку не е лесно.

И, ако покрај сите овие бројки сепак сте решиле да пробате да го чувате и да му бидете верна сенка на Чави кој на последното Светско првенство истрча убедливо најмногу со просек од 11,4 километри по натпревар,  бидете спремни да се подиспотите и да го фрлите вашиот метаболизам во друга димензија, онаа во која ѕвездите го имаат последниот збор (читај шут).

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија