Совети за подобро ментално здравје

Бистро мозоче за 34 гигабајти дневно

Човечкиот мозок дневно обработува околу 34 гига бајти информации и зборува, чита и слуша околу 100,000 зборови и тоа надвор од работното време. Многу или малку, кому како му се фаќа ама бројките од истражувањата на Проф. Др. Роџер Бон се тие.

Фактот дека сме изложени на огромен број информации кои дневно треба да се обработат, го побудува прашањето како да се одржува, освежува и обновува нашиот мозок.

Мозокот се обновува во зависност од тоа колку и како се користи. Уредна циркулација со доволна кислородна заситеност е основа за повеќето мозочни функции. А секоја физичка активност го зголемува дотурот на оксигенирана крв и други основни хранителни продукти во мозокот.

Дефинитивно науката заклучила дека било каква физичка активност позитивно влијае врз способноста за подобра концентрација и меморија. Докажано е дека после физички стрес има зголемено ниво на неуротропен, мозочен фактор (протеин – BDNF) кој е важен за здравјето на нервните клетки. Корелацијата помеѓу физичките активности и концентрацијата на овој фактор е доказ за подобрена меморија и решавањето на одредени ментални задачи.

Физичките активности внесени во детската животна агенда е основа за квалитетно ментално здравје. Здравите навики од мала возраст се предуслов за зајакнување на моќта на вашиот мозок.

Сервисирајте го мозокот со чест престој на чист воздух, надвор од загадените простории и секогаш во корелација со редовни физички активности. Секојдневното подмачкување со есенцијални масни киселини и витамини секако ќе бидат основа за квалитетна ментална старост.