Бандажирање на глуждовите – супериорна превентивна мерка во кошарката

Правилното бандажирање на скочните зглобови треба да биде стандардна процедура пред секој тренинг и натпревар во кошаркатa бидејќи превентивата која што ја нудат од повреди на скочниот зглоб е супериорна.

Повредите на скочните зглобови се со многу висока инциденца во овој спорт. Лошата санација т.е. кус период за терапија и рехабилитација најчесто се причини за рецидивантни повреди кои многу често ја ставаат и спортската кариера во прашање.

Искуствата укажуваат дека коректна превентивна мерка во заштитата на лигаментарниот и скелетен систем на скочниот зглоб се бандажирањата. Во секој случај, важна корелација се истражувањата на оваа тема.

Научниците од Универзитетот Висконсин во Америка објавија анализа од истражување кое опфати 1500 кошаркари. Бројот на повредите беше за 68% помал при користење на бандажите во споредба со групата која не користеше ваква превентива. Во студијата биле користени двослојни бандажи (бадажен фластер со предбандажна трака).

Во секој случај, битни се атлетските перфоманси при користење на ваква заштита. При снимањето на вертикалните скокови не се забележани значителни остапувања кои би ги нарушиле скокачкиот профил. Лесните остапувања на плантарната и дорзалната флексија не се значајни за да го компромитираат движењето на глуждот.

Уредно поставениот бандаж позитивно влијае во насочувањето и стабилизацијата во вертикалните скокови. Исто така не се забележани и негативни ефекти врз контактното време со подлогата и врз силата на глуждот. Проприорецептивниот ефект на траката како стимулација е дополнителна превентивна мерка.

Истражувањата велат дека веќе во првите десетина минути бандажот се олабавува за 40-50% но и тоа е сосема доволно за добра стабилизација на глуждот.

Двослојните бандажи во кошарката за сега се супериорна превентивна мерка од повредите на глуждовите.