Балетска петица или синдром на Триаголна коска

Напорните тренинзи, многуте настапи со безброј повторувачки движења се основа за магичниот изглед на балетските уметници.

Во споредба со други спортски (уметнички движења) дисциплини во балетот има најмногу статички и динамични екстремни пози и движења на целото тело особено на долните екстремитетии, а со тоа и најмногу повреди на глуждот и стопалото.

Најчеста и најспецифична повреда поврзана со балетските активности се манифестира со болка и лезија на задниот сегмент на глуждот. Оревокршачкиот феномен е резултат на положбата на акцесорната триаголна коска во однос на задниот лимбус на тибијата и петната коска или калканеусот. Форсираната плантарна флексија или испружувањето на стопалото односно подигање на прсти (висока подпетица, висока штикла) ја доведува триаголната коска во орево-кршачка положба.

Компресијата на околните структури врз оваа дополнителна коска и обратно се основа за сите последователни коскено- ткивни лезии. Најчести се промените на капсулата со околните лигамент (задниот интермалеоларен лигамент, задниот талокалканеален и задниот талофибуларен лигамент) како и промени на синовијата во задниот сегмент до трауматски промени на скелетот на триаголната коска.

Триаголната коска (os trigonum) е присатна кај 7% од популацијата, голема е до10мм и не е никаква причина за појава на оваа болна состојба ако нема форсирана активност на глуждот. Постоењето на триаголанта акцесорна коска, од друга страна не е секогаш причина за оваа состојба.
Оваа скелетна варијанта е присатна со раѓање но може да се појави во адолесценцијата.
Болката се манифестира со активна и пасивна провокација (плантарна флексија, проба на прсти) во задните делови на глуждот. Потребата од аргументирана радиолошка дијагностика подразбира пред се МР (магнетна резонанца) севкупна алатка за комплетна дијагностика. Во целата процедура битно е темелното познавање на биомеханиката на повредата.

Во акутната состојба се применуваат сите принципи за лекување на мускулно скелетни трауми. Перзистентните и повторувачки состојби изискуваат понекогаш и оперативен третман. Постепеното оптеретување на глуждот е сериозна провокација за добрите рехабилитатори и тренери.

Основните принципи во рехабилитацијата се зајакнување на” опонентите” на гастрокнемичниот мускул а тоа се длабоките мускули на долниот дел на подколеницата (заднит тибијален мускул, долгиот флексор на прстите, долгиот флексор на палецот и перонеалниот мускул). Зајакнувањето на овие мускули ја намалува контактната иритација и болна провокација. Во основа овие вежби се основната превентивна мерка, за одбегнување на ОРЕВОКРШАЧКАТА ПОВРЕДА…

Ефикасна дијагностичка процедура обезбедена од радиолошки тимови во согласност со ортопеди, трауматолози и специјалисти по спортска медицина заедно со коректна специфична рехабилитација се основа за добра професионална балетска кариера.
Хроничните промени се честа причина за судбината на балетската кариера но и кај низа други спортски гранки каде што глуждот со стопалата се изложени на атипични движења со високо оптеретување и повторувачки стресе ( атлетичари, скокачи, одбојкари)