Зошто мускулното воспаление е полошо вториот ден?

Најверојатно, затоа што тазе почнувате со некаков посериозен тренинг, а телото не е адаптирано за таквиот тип на стрес или подолго време не сте додале нова плоча и не сте излегле од зоната на комфорот.

Мускулното воспаление манифестирано како блага болка после одредена физичка активност е добро позната и сосема нормална појава која што вообичаено трае од два до четири дена и почнува да се јавува во првите 10-48 часа после вежбањето. Бројни теории се поврзуваат како нејзина причина, од таложење на лактатна киселина и инфламација до физичко оштетување на микронско ниво на самите мускулни влакна, а некои сметаат дека тоа е комбинација од двете, а има и ставови дека тоа е почетен стадиум на рабдомиолизата.

Како и да е, самата појава е позната како ДОМС (DOMS-delayed-onset muscle soreness) односно одложена болка по вежбањето.  Доколку сте од оние кои ги чувствуваат вториот и третиот ден после тренингот значително повеќе отколку првиот тогаш најверојатно слабо сте биле активни последниот период пред тренингот, или пак само сте погодиле да вежбате одредена група која што ретко сте ја работеле.

Типично, „нетренираната“ мускулатура е таа што дава болни сензации покасно, а особено тоа се случува доколку мускулатурата вршела екцентричната контракција на мускулните влакна, односно мускулните влакна се контрахирале додека самата должина на мускулот се издолжува, а не скратува како кај концентричниот тип. За типовите на мускулна контракција подетално прочитајте тука.

Често се поставува прашањето дали сте тренирале добро ако не го почувствувате овој ефект барем малку. Не секогаш болката е индикација за добар тренинг.

Сепак, ова е процес кој што поминува, а сите ние некогаш сме го осетиле. Направете рекуперација на болните мускули неколку дена по вежбањето со доволно хидрирање, лесна активност, прошетки, пливање, возење велосипед и наредната сесија нема да ги имате истите проблеми.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија