Задржи здив – трчај побрзо!

Ако сте еден од тркачите кои немаат голем мерак да тренираат по пеколно топло време, можеби следниов тренинг метод кој се одвива во вода ќе ви ги олесни проблемите и ќе ви ја намали грижата на совест заради пропуштениот тренинг.

Трчањето е комплексен спорт кој во себе опфаќа многу физички елементи. За најголем дел од луѓето да се биде добар тркач значи да се има мускулна и умствена издржливост, солидна моторика, цврсти сврзни ткива на екстремитетите, челична волја и многу дисциплина. Точно, но исто така постои еден друг фактор кој може да биде од пресудно значење за успешно бавење со овој спорт, а тоа е капацитетот на белите дробови.

Спортистите, а посебно тркачите знаат дека зголемениот капацитет на белите дробови значи и подобар перформанс. Постојат различни методи за постигнување на таа цел а еден од нив идеално се вклопува во летните услови. Дали некогаш сте помислиле дека нуркањето или пливањето ќе ве направат подобар тркач?

Пливањето и нуркањето се едни од најдобрите активности кои влијаат на подобрување и зголемување на капацитетот на белите дробови и подобрена абсорбција на кислород во телото. Оние кои ова го испробале знаат дека по одредено време нивното дишење за време на трчањето е многу посмирено и поефикасно посебно при интервален тренинг или долго трчање.

Покрај ова со редовното пливање се подобрува и функцијата на дијафрагмата која доколку не е адекватно тренирана може да предизвика сериозни проблеми кај секој тркач. Ако некогаш сте се чуделе зошто постојано имате грчеви или бодежи за време на трчањето, тогаш бидете сигурни дека кривецот веројатно е вашата дијафрагма.
Во поткрепа на ова се појавува науката.

Во една студија од 1997 година биле опфатени девојки кои биле поделени во две групи. Првата група имала вообичаен физички тренинг а втората група тренирала пливање два часа неделно. По една година истражувачите заклучиле дека пливачката група има значително поголем белодробен капацитет, зголемен проток на кислород и негова искористеност и подобрено дишење генерално.

Значи, пливањето и нуркањето покрај тоа што имаат регенеративно својство за сврзните ткива и мускулите кај тркачите, тие исто така можат и на потполно поинаков начин да го развијат тркачкото тело.

Доколку сметате дека температурите надвор се превисоки за трчање, пливајте и нема да загубите многу. Бидете внимателни и полека напредувајте со задржувањето на здивот под вода.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија