Што подразбира тркачки вонсезонски тренинг?

Сезоната на интензивни тренинзи и трки е завршена. Следува период кој е исклучително важен за вашето тело. Ова треба да претсавува време во кое одново ќе ги наполните батериите за да влезете свежи и мотивирани во новиот циклус на натпреварувања.

 

Временската рамка во која ќе се движи вашиот вонсезонски период и тренинг треба да биде базиран на вашите цели и очекувања од годината што следи. Правилното балансирање меѓу одморот и активниот одмор треба да е основа која полека ќе ве воведе во периодот на тркачки базен тренинг.

Вонсезонскиот тренинг треба да се состои од активности кои ќе им дадат одмор на вашите нозе а од друга страна ќе го освежат вашето тело и ќе му дадат дополнителна сила и енергија за спремно да влезе во она што го очекува. Еве неколку идеи кои ќе ви дадат основни насоки што треба да содржи вашиот вонсезонски тренинг:

Пливање
Пливањето е веројатно првата опција на која треба да помислите. На прво место затоа што пливањето ќе ви даде одличен одмор на вашите нозе, а второ затоа што ќе го освежи вашето тело од едноличноста на трчањето на кое е навикнато и ќе го предизвика со нови движења кои дополнително ќе му дадат сила и издржливост. Посебен бенефит ќе има горниот дел од телото, регија која кај многу тркачи е слаба или недоволно тренирана.

Спининг
Спинингот е одлична опција за вашиот вонсезонски тренинг. Го намалува импактот кое трчањето го има врз нозете и телото а е одлична кардио-васкуларна вежба која ќе го одржи или зголеми вашето фитнес ниво. Постојат многу спининг вежби кои ќе ве предизвикаат ментално и физички. Плус, постои сериозна корелација меѓу каденцата во трчањето и спинингот.

Јога
Јогата е често запоставена вежба во тркачката заедница. Сепак, ако страдате од некоја физичка повреда, јогата со сигурност ќе го забрза времето потребно за заздравување. Дополнително, вежбањето јога ќе ви донесе ментална острина, ќе ја зголеми вашата флексибилност и цврстина и секако ќе го засили вашиот стомак и групата на јадрени мускули. Одредени пози во јогата се исклучително поволни за луѓето кои трчаат. Истражете или посетете некој јога час. Верувајте нема да зажалите.

 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија