Наслов

Забрзај го јаженцето, зголеми го ефектот

Ако било кога во животот во континуитет сте скокале бар минута на јаже јасно ви е колкава моќ поседува ова мало паче опрема. Силно препорачуваме да го вметнете во вашата тренинг рутина, а веќе кога ќе почнете да го владеете, превземете го следниот чекор, двојно под вашите нозе.

Јажето за скокање е широко познато како една од најдобрите фитнес алатки што се имаат појавено во историјата на вежбањето и вметнување на вакви сеанси во вашиот тренинг има огромна моќ да ги подобри вашите кардио капацитети, балансирањето на вашето тело и координацијата, а брзината и агилноста ќе се доближат на оние од осата на Мохамед Али. 

Голем број славни спортисти го имале и имаат јажето како рецепт во нивните тренинг кувари пред се поради ефикасноста на самата вежба, малата цена на чинење на самата опрема но и многу важниот детал на широк дијапазон на вежби кои може да се изведуваат со помош на јаженцето.

Дел од различните типови на вежби кои можат да се применуваат со јаже можете да ги погледнете тука, а во оваа статија ќе се задржиме на малку понапреднатото ниво на двојни префрлања на јажето под нозете во еден скок на англиски познатите double-unders. Во кратки црти тоа изгледа вака - ако обичното скокање е Пеколот, тогаш ова е деветиот прстен.

Техника на изведба и совети

1. Започнете со коректна форма при изведување на нормални скокови на јаже - исправено тело, доволно висок скок и ротација на јажето единствено во ниво на зглобовите. Кога се работи двојното префрлување единствено што се менува е висината на скокот што се прави и брзината на ротацијата на јажето. 

2. За почеток пробајте без јаже и сконцентрирајте се на експлозивноста на скокот со што ќе го добиете осетот за потребната висина која треба да ја постигнете. Обидете се што помалку да ги виткате нозете во колената т.е. скокот нека биде сконцентриран во скочниот зглоб. 

3. Кога сте во највисоката точка од скокот забрзајте ја ротацијата на зглобовите со што ќе се забрза и јаженцето. 

4. Следно работете на конзистенција на оваа изведба. 

Започнете полека, направете еден двоен завој, па после сврзете два или три за ред и полека ќе бидете во можност да правите што повеќе. Вежбата на почетокот може да делува доста тешка но со упорност и редовност се стекнува потребната координација и експлозивност што е потребна за изведба а со неа доаѓаат одличната концициона спрема и топењето на масти.

Ако ви фали мотивација еве го ГОЛЕМИОТ:

„Ќе танцувам и ќе го боцкам, ќе го тепам целата вечер, ќе биде готово во 7ма рунда, тајм аут, ќе танцувам целата вечер.. Бината е спремна за јас да бидам прогласен - најдобар на сите времиња."

19 Март 2015

За авторот