Турно скијање и планинарење за одржување на зимската форма

Прочитајте нешто повеќе како овие две зимски активности може да ве одржат во одлична физичка форма, па дури и да ви ги подобрат вашите капацитети во текот на студената зима. 

Се повеќе познати светски атлети, од тркачи на разни дистанци до триатлонци се одлучуваат за турно скијањето како и планинарењето за одржување на константноста на нивната кондиција во текот на зимскиот период.

Турно скијањето во принцип претставува планинарење со помош на скии (и дополнителна опрема) со таа разлика што на врвот или од последната ваша одредница, имате можност да се вратите за релативно побрзо време до завршната точка, скијајки надолу, за разлика од планинарењето каде што треба да пешачите во двата правци. 

Тука е и разликата во тоа што турно скијањето ќе ви овозможи олеснето движење во повеќе различни типови на снег (поради поголемата површина на скиите на која што газите) па затоа е доста полесно во однос на пешачењето. 

Сепак, овие два спорта, во однос на ефектот врз вашата форма во текот на зимата се горе-долу слични. Двете се обавуваат во природа, на отворено и на чист воздух, во двете се совладуваат поголеми висински разлики што одлично влијае врз кардио-респираторните капацитети, а се далеку поинтересни од затворените сесии во вежбалните. 

Она што е исто така важно, особено за тркачите е тоа што овие две дисциплини нудат одржување на кондицијата во текот на зимата без дополнително „трескање” на нозете кое е секојдневие за тркачите, па така ќе му дадете на телото соодветен период за рекуперација без значително губење на вашата спрема. 

А со соодветни комбинации, вие дури и можете да влијаете на подобрување на вашата форма, нормално доколку се потрудите малку повеќе. 

Уживањето е секогаш гратис!

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија