Наслов

Заедничкото потење ја предизвикува љубовта

Доколку сте од оние луѓе што решително се ангажираат да направат добро тело или да останат во топ форма, зачленувајќи се во фитнес клубови, трчајќи по улиците или практикувајќи јога, тогаш треба да знаете дека физичката активност освен што е предност за вас персонално, може да биде предност и за вашиот љубовен живот.

Препорачливо е да го грабнете вашиот партнер и да го поканите да ви биде повремен или редовен партнер за вежбање, бидејќи се повеќе докази укажуваат на фактот дека оние парови кои се потат заедно, остануваат заедно.

Она што следи е заокружување на доказите базирани на истражувања, кои укажуваат дека паровите што ги делат меѓусебните фитнес рутини внесуваат нов живот во врската и нова енергија во тренинзите. 

Тренирањето со вашиот партнер ќе...

... ви ја зголеми среќата во врската. Истражувањата покажуваат дека по заедничката физичка активност паровите се изјасниле како позадоволни од своите врски и повеќе заљубени во своите партнери. Физичката активност придонесува за овие позитивни ефекти. Психолошката возбуда го поттикнува романтичното привлекување повеќе од новитетот или предизвикот од активноста. Ова сугерира дека ако како пар ги делите фитнес целите, трчате редовно, одите на танци или пак во фитнес центар, ќе доведете до бустирање на квалитетот на врската.

... ја подобри вашата ефикасност при тренинзите. Во социјалната психологија е позната идеја дека присуството на уште еден човек ја зголемува вашата способност за извршување на одредена активност. Затоа присуството на партнерот ќе ја подобри вашата брзина, без да бидете свесни за ова влијание. Но ако сте почетник и допрва учите како да направите брпи, тогаш подобро е да прво пробате сами. Вашиот партнер може да ви го попречи совладувањето на новиот предизвик. Поминете малку време во усовршување на вежбата, а потоа здружете се со партнерот за да си ги зголемите перформансите. 

... направи партнерот да се заљуби во вас. Вежбањето ги поттикнува симптомите на психолошка возбуда како испотени раце, зголемен пулс, неодстаток на воздух... Овие симптоми се, во многу аспекти, возбудувачи на романтичната привлечност. Интересен факт е дека луѓето често ги мешаат овие две состојби, психолошка возбуда и романтична привлечност. Па зошто да не го искористите во ваша полза со тоа што ќе го поканите партнерот на заеднички тренинг. Резултатот ќе биде зголемена привлечност во очите на вашиот партнер. 

... ви помогне да ги постигнете вашите фитнес цели. Кога партнерите се грижат за физичката активност, нивната лична и на нивниот партнер, тие полесно ги достигнуваат своите фитнес цели. Неодамнешни студии покажаа дека сопрузите со просечна тежина кои сакаат да бидат фит, се впуштаат во повеќе физички активности кога и нивните сопруги ги бодрат со позитивни коментари.

Од друга страна, не се потпирајте премногу на вашиот партнер кога се работи за вашите лични фитнес цели, бидејќи на тој начин ќе ја намалите енергијата кон вашите заложби во остварувањето на истите.

... ја зголеми вашата емотивна поврзаност. Кога тренирате заедно вие креирате момент во кој можете да ги координирате своите потези. На пример, може да дигате тежини во ритам со вашиот партнер или пак да го изедначувате ритамот на трчање. Ваквото однесување креира невербално поврзување или мимикрија од каде полза имаат и двата партнери. Невербалната мимикрија им помага на луѓето да се чувствуваат емоционално подесени еден со друг и оние што практикуваат мимикрија се изјаснуваат дека се повеќе поврзани со партнерот. Заедничкото вежбање овозможува добра шанса за да се создаде конекција, притоа чувајќи го вашето здравје и романтичната врска. 

Физичката активност е полезна без разлика дали се практикува соло или во пар. Но зошто да не го споделите овој аспект од животот со вашиот партнер, редовно или повремено, а со тоа да ги почувствувате благодетите од резултатот што ќе ви даде нова димензија во врската.

20 Февруари 2014

За авторот