Блиц совети

Џогингче, тренингче, на минус

Веќе стаса киселата зелка, џемпери и се покалорични трпези, и сакале неќеле телото ни се готви за зимска хибернација. Ако сте од оние коравите што ни “куршум не ги бие, ни сабја не ги сече” еве неколку совети како да се облечете за џогинг под нулата, по целзиј се разбира.

Ако сте од оние на кој важбалната им доаѓа претесна во зима, и траките за трчање се со список за закажување. Сигурно нема да се откажете од намерата да направите тренинг и покрај тоа што температурата е кочан.

Ве советуваме да следите неколку базични принципи како подобро да се справите со студот додека тренирате.

Совет 1/Облечете се во 2-3 тенки слоеви, телото генерира топлина при физичка активност па затоа одвишок или преголемата дебелина на слоевите нема да дозволи негово дишење. 

Совет 2/Преферирајте синтетички материјал кој ја предаваат а не задржуваат потта од телото, како на пример полипропилен кој воедно и лесно се суши. Заборавете на памукот, сепак да трчате со мокра маица и не е баш пријатно.

Совет 3/Најгорниот заштитен слој, јакна (шушкавец) е клучен за целосна заштита од влага и ветар, уште подобро доколку самата јакна поседува мембрана која ја пропушта потта кон надвор а не дозволува водата да пробие во обратна насока.

Совет 4/Околу 40% до 50 % телесна топлина испарува и се губи преку кожата на главата, така да носењето капа од волна или ткаенина кој дише е задолжително. А доколку не ви е потребен црвен образ, земете си балаклава или маска за скијање.

Совет 5/Доколку трчате на снег, изборот на патики е клучен, прво за да ги сочувате стапалата суви, а второ да ви обезбедат стабилност врз подлогата. Ако има сонце, тогаш понесете наочари  одлично ќе ве заштитат од студот и одблесокот на светлина.

Совет 6/Направете лесен стречинг и загревање додека сте сеуште дома,  на топло, пијте доволно течности и хидрирајте се и не заборавајте на ракавиците, без нив се би било залудно.