Ако темпото е здодевно, пробај „темпо твист”

Темпо тренингот е вид на тркачки тренинг кој се трча на или околу границата на лактатниот праг. Едноставно објаснет, ова е брзина на која доаѓа до наталожување на млечна киселина во мускулите на нозете а тренингот на оваа брзина ни помага да го подигнеме нивото на лактатниот праг, односно да трчаме побрзо пред мускулите да почнат да се заморуваат.

Што се однесува до брзината со која се трча темпо тренингот, таа може да варира од темпо со кое трчате трка на 8 километри до темпо кое е поспоро од вашето просечно време по километар на полумаратонска трка. Временскиот интервал во кој се изведува тренингот може да биде во должина од 10мин па се до нешто повеќе од еден час. Она што е заедничко за било кој Темпо тренинг е тоа што постои точно определена брзина и временски интервал во кој таа треба да се одржува за да истиот ги постигне посакуваните резултати.

Проблемот со овој тип на тркачки тренинг е повеќе од психолошка природа. Односно, ментално е значително потешко да одржувате постојана брзина која е на границата на комфорот. Тоа е една од причините заради кои постојат бројни модификации на овој вид на тренинг, а една од нив е и Темпо Твист тренингот.

Што е Темпо Твист?

Темпот Твист тренингот е варијација на класичниот темпо тренинг која има за цел да го освежи и во исто време да го појача ефектот на вообичаениот тренинг. Идејата на овој тренинг е истиот да се претвори во интервал во кој полесните делници се трчаат на ниво или под нивото на лактатниот праг, а во повремено ќе вметнете забрзувања со брзина на трка на 5км или 10км.

Пример:

Загревање: лесно трчање 10-15минути

Тренинг: Трчајте 20-40мин (или 5-10км)со вашето просечно време по километар на полумаратонска трка. Доколку не го знаете точното време за кое можете да истрчате полумаратон а имате време од некоја друга трка, послужете се со McMillan Running Calculator.

На секои 5 мин вметнете забрзување со темпото на трка од 5 или 10 километри кое ќе трае најмногу 30 секунди. По ова забрзување продолжете со претходниот ритам се до истекот на времето за Темпо Твист тренингот.

Ладење: завршете со 10-15мин лесно трчање и истегнување

Ваквиот тренинг изведувајте го секоја втора недела а последниот нека биде најмногу 10 дена пред планираната трка.

Уживајте во трчањето!

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија