Трети дел

Улични игри (Трети дел)

Некако успеавме да собереме што повеќе правила за улични игри и да ги документираме во нашата база. На вам е редот да ги испечатите и да ги повторите со вашето дете, а уште поубаво би било децата да си се вратат на улиците со оваа oldschool конципирана забава и дружење.

Сепак, оваа база на улични игри немаше да изгледа вака без нашите пријатели, македонскиот блогер – волан и македонскиот проект за деца – Учиме низ игра. Ви благодариме многу за некои од игрите и среќни сме што некој сеуште се обидува да ги зачува и повтори на улица!

Физички активни игри – поттикнуваат развој на моториката и умот кај децата

Горенка (Во средина)
Потреби: На бетон, асфалт или земја се црта правоаголно поле во кое ќе стојат децата во средина. Потребно е да се има било каква топка со средна тежина.

Правила: Во оваа игра двајца си ја додаваат топката, а помеѓу нив стојат другите деца. Притоа двајцата се обидуваат при додавањето на топката да погодат некое од децата во средината, при што истото отпаѓа од играта и стои настрана. Меѓутоа, доколку едно од децата кои се во средина успее да ја фати и задржи топката, си фатил „лепче” при што може да го даде на дете кое е погодено т.е. излезено од играта за пак да се врати назад, или да си го чува за себе, како бонус доколку евентуално биде „изгорено” со топката. Се игра додека не останат само две деца во средина, со што тие стануваат „стативите”.

Тегнење јаже
Потреби: Се игра на било каква површина, но на пошироко пространство. Потребно е само едно подебело јаже меѓу 5-10 метри должина. Минимум од две деца се поребни за оваа игра а максимумот зависи од должината на јажето.

Правила: Едноставна, но многу полезна игра кога децата се делат во две групи и тегнат на спротивните страни од јажето. Која група ќе повлече појако и ќе го растури противникот таа е победник!

Скокање со јаже
Потреби: Пожелно е да се игра на рамен терен со бетон или трева. Нормално ви треба јаже за скокање (оригинал или алпинистичко средно јаже може да помине).

Правила: Од две деца па нагоре за да има натпреварување. При индивидуално играње, децата се менуваат наизменично кога некое ќе згреши, во стилот “покажи што знаеш” или “најмногу скокови”… Или пак групно со минимум три деца, каде две деца вртат а третото треба да се вклопи во ритамот на јажето и да скока без да се сопне. Доколку се сопне, се менува во “држач”. На почетокот држачите се бираат со ком-па-ни-ја или ени-мени-сени (се мавта со рачињата – со покажување на лице или наличје на дланката – вртење – и во еден момент се застанува – и оние две деца кои имаат повеќе да речеме дланки со лице треба да држат)

Американка
Потреби: Се игра на било било каков кош, обично маалски, со топка која и не мора да биде оригинал кошаркарска, но пожелно е.

Правила: Американка се игра со тројца пример, еден шутира од слободни, другите двајца се под кош. Ако утне тој што шутира, двајцава што се под кош треба пред да тапне топката на земја да ја фатат и истовремено во скок да шутнат и да дадат кош. Двајцата под кош смеат по еднаш да шутнат и доколку влезе топката, тој што го дал кошот се менува со тој што шутира од слободни. И така се менуваат нон стоп, а кој прв стигне до 21 поен тој победува.

Штркот бара боја
Потреби: Потребни се што повеќе деца, а минимум е три играчи. Може да се игра на било каков терен каде има услови за трчање. Најинтересно е кога децата се облечени во могу шарени бои.

Правила: Се бира еден (ком-па-ни-ја, ени-мени-сени) што ќе ја води играта и се нарекува “штрк”. Тој кажува одредена боја со почнувајќи ја реченицата со “Штркот бара боја…”, а останатите на штрек чекаат која боја ќе биде. Тие мораат да ја допрат саканата боја што поскоро пред штркот да ги допре нив. Доколку штркот допре некој од играчите тогаш допрениот се станува штрк и играта се повторува.

Викторија (фудбал на еден гол)
Потреби: Потребна е фудбалска топка, а може и со било каква друга топка само да не биде лесна. Голот се импровизира со два камена или нешто слично. Потребни се минимум три деца, а максимум нема само да не стане гужва пред гол. Се игра на било каков терен, но пожелно е да биде земја или трева поради опасност од повреди.

Правила: Правилата се исти како кај фудбалот само во смалено пакување и не толку ригорозни се разбира. Важно е да се даде гол, да се шеба, шутира, додека се пази топката да не отиде во аут или во статива (во камче). Се игра на договорено време.

Камај-камај
Потреби: За да се игра играта не треба ништо посебно освен пространа улица, училичен двор или игралиште каде има места за криење, што повеќе деца, а додатоци се секогаш добредојдени како пиштоли, пушки, перјаници, шешири, пионерски капи и слично.

Правила: Играта се состои во тоа откако децата ќе се поделат на две групи, се распрскуваат на две страни и почнува меѓусебното “пукање” со извикот “Камај-Камај” према некое дете кое ќе ти искочи во видното поле – со задолжително кажување на неговото име. Детето кое е упукано веднаш покосено паѓа и е надвор од игра. Победува онаа група на деца или дете кое последно ќе извика Камај!
Кога ќе заврши еден круг на играта играта може да почне од почеток со повторно разбегување на децата. Децата често се обележуваа со домашни маски како Каубојци – Индијанци – Партизани – Или некој најнов јунак од актуелните филмови

Продолжува…